САМО 39 ОТСТО ОД УСЛУГИТЕ ПРЕКУ „МОЈ ТЕРМИН“ ЛАНИ БИЛЕ ДОСТАПНИ ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА, УТВРДИ РЕВИЗИЈАТА

    САМО 39 ОТСТО ОД УСЛУГИТЕ ПРЕКУ „МОЈ ТЕРМИН“ ЛАНИ БИЛЕ ДОСТАПНИ ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА, УТВРДИ РЕВИЗИЈАТАДржавниот ревизор изрази неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива. (Фото: СДК.МК)

    Само 39 проценти од законски задолжителните термини за здравствени услуги преку „Мој термин“ биле достапни за пациентите во Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола во 2022 година, вели извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР), во кој се изразува неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива.

    Според извештајот, болницата воспоставила пракса да ги евидентира како сомнителни и спорни ненаплатените побарувањата за извршени здравствени услуги на крајот од годината, без предлог на пописна комисија и одлука на Управниот одбор. Со тоа, неосновано е намалена состојбата на вкупните побарувања во износ од приближно 97 милиони денари (околу 1,57 милиони евра), од кои 92 милиони денари (околу 1,49 милиони евра) се постари од 5 години. За 98 отсто од побарувањата по овој основ не се доставени докази дека се преземени мерки за нивна наплата и постои ризик од застарување.

    Ревизорите нагласуваат дека во просториите на болницата во посебен објект (бункер) сместен е линеарен акцелератор наменет за третман на онколошки заболувања. За негова набавка и инсталација од Министерството за здравство во периодот од 2012 до 2017 се доделени договори за јавна набавка во износ од 172 милиони денари (2,79 милиони евра), а до денот на ревизијата тој не се користи и не е внесен во сметководствената евиденција.
    Од Болницата и било дадено образложение дека апаратот не се користи поради недостиг на дополнителна опрема потребна за негово функционирање, како и недостиг на соодветен квалификуван кадар.

    „Имајќи ја предвид потребата од подобрување и зголемување на достапноста на онколошките здравствени услуги и рационалното користење на буџетските средства, ревизијата укажува дека е потребно во најкус можен рок да се преземат активности од страна на болницата во соработка со Министерството за здравство за ставање на апаратот во употреба“, стои во извештајот.

    Со ревизијата е констатиранo дека не е воедначен начинот на организација на работното време. Кај определени организациони единици, за дел од медицинскиот кадар не е обезбедено исполнување на предвидените 36 до 40 работни часови во неделата. Воспоставена е пракса дел од работното време да се реализира преку 12-часовно до 24-часовно дежурство по што се користат повеќе слободни денови, а часовите поминати во дежурство се сметат како часови поминати во полно работно време. Ваквата пракса овозможила определени вработени да не остварат ни полно работно време, а при тоа им се исплатени редовна плата и надоместок за дежурство.

    Околу 36 милиони денари (над 585.000 евра) се исплатени по основ на дежурство, без побарана согласност од Министерството за здравство за воведување на истите, а утврдена е и појава на исплата на дежурства на немедицински кадар во износ од 919 илјади денари (околу 15.000 евра), што не е во согласност со Законот за здравствена заштита.

    Неправилности се утврдени и при исплата на приближно 7 милиони денари (над 113.000 евра) за прекувремена работа на 303 вработени. За прекувремената работа не бил известен инспектор на трудот и не се воспоставиле контроли на бројот на реализирани часови, поради што 41 вработен оствариле прекувремена работа над дозволениот максимум од 190 часови, за што се исплатени околу еден милион денари (над 16.000 евра).

    Во извештајот се вели дека дел од вработените, согласно склучени спогодби, вршат здравствени услуги во други здравствени установи поради недостаток на медицински кадар, за што болницата издава фактури, а на вработените им се исплаќа надоместок. Констатирано е дека во 42 отсто од ревидираните фактури постојат разлики во бројот на фактурирани работни часови и бројот на часови прикажани во извештаи поради што фактурирани се околу еден милион денари (над 16.000 евра) повеќе од реално извршените работни часови.

    Исто така, ревизорите констатирале дека за извршени услуги на 6.268 пациенти на сметка на болницата уплатени биле парични средства во износ понизок од околу 2 милиони денари (над 32.000 евра) или 63 проценти од вкупно пресметаните по овој основ.

    „Со извршената ревизија констатирани се состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива“, се вели во извештајот на ДЗР.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира