САМО ДЕСЕТ ОД 138 СКОПСКИ ПАЛМИ ЈА ПРЕЖИВЕАЛЕ ЗИМАТА

    САМО ДЕСЕТ ОД 138 СКОПСКИ ПАЛМИ ЈА ПРЕЖИВЕАЛЕ ЗИМАТАВо Скопје има палми од 2012, но најголем број од нив, околу 120, беа засадени во 2015 како дел од проект на „Македонски шуми“, со кој низ Македонија за половина милион евра беа засадени 1.100 палми (Фото: СДК.МК)

    Само десет палми ја преживеале скопската зима. Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ веќе втора недела ги пребројува оштетените дрвја. Од претпријатето велат дека едвај десетина од 138 – те засадени низ Скопје се во состојба која ветува дека ќе го дочекаат летото. Со кран се искачувале да ја проверат секоја палма за прецизно да утврдат дали има знаци на живот, но резултатот од проверките покажал дека најголем број од дрвјата се неповратно исушени.

    Директорот на ЈП„Паркови и зеленило“ Душан Авировиќ денес не можеше да даде изјава за палмите оти бил на саем во Белград.

    „Се враќам во вторник, тогаш ќе ви дадам прецизни бројки“, телефонски ни изјави директорот Авировиќ.

    Вработени од претпријатието уште минатиот месец, кога од палмите ги симнаа прво најлоните со кои беа покриени лисјата, а потоа и јутата со која беа обвиткани стеблата за да можат без оштетувања да го поминат зимскиот период, укажаа дека голем број се суви.

    Во Скопје има палми од 2012, но најголем број од нив, околу 120, беа засадени во 2015 како дел од проект на „Македонски шуми“, со кој низ Македонија за половина милион евра беа засадени 1.100 палми.

    Оваа зима на палмите засадени во 2015 година им беше втора. Првата зима претпријатието регистрираше само четири исушени палми, но оваа зима имаше далеку пониски температури за кои не помогнало ниту прихранувањето со ѓубре од калифорниски црви ниту пак заштитувањето на лисјата и стеблото.

    Иако се проект на „Македонски шуми“ како владина инвестиција, палмите се голем трошок за „Паркови“ кои ја добија обврската да ги засадат и да ги одржуваат и покрај укажувањата дека такви дрвја не се погодни за скопската клима.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира