САМО ТРИ ПРИЈАВИ ЗА РИБОКРАДСТВО ВО ВРЕМЕ НА МРЕСТОТ И ЗАБРАНАТА ЗА РИБОЛОВ ВО ВЕЛЕШКО

    САМО ТРИ ПРИЈАВИ ЗА РИБОКРАДСТВО ВО ВРЕМЕ НА МРЕСТОТ И ЗАБРАНАТА ЗА РИБОЛОВ ВО ВЕЛЕШКОЗдружението на спортски риболовци „Бабуна“ од Велес заедно со полицијата врши постојани контроли. (Фото: СДК.МК)

    Намален е бројот на рибокрадци во Велешко, велат од здружението на спортски риболовци „Бабуна“ (ЗСР) од Велес, кое заедно со полицијата врши контроли. Оваа новина на засилени контроли се применува во период на мрест за да се чува рибата од недозволен улов и, како што велат, се покажала добра во пракса.

    „Можеби сме прво здружение во Македонија кое во период на забрана на риболов врши контроли со СВР Велес. Благодарност до нив што ни излегоа во пресрет, што се вклучија во контролата на реките и притоките од нашиот ревир. Имаме за еден месец само три пријави за нелегален риболов во време на мрест. Увидоа и рибарите дека сериозно ја работиме оваа задача, така што поголеми проблеми во споредба со претходните години немавме“, кажа Даниел Наумовски, претрседател на ЗСР „Бабуна“.

    Забраната се однесуваше за реката Вардар од вливот на Пчиња до вливот на Црна Река, Црна Река од тиквешка брана до вливот на Вардар, целото течение на реките Бабуна и Тополка, вливот на реката Брегалница, како и за сите останати притоки на Вардар од Пчиња до Црна Река. Забраната за сом и крап важи подолго, до 31 мај. Од лани летото е забранет риболовот во езерото Младост поради неквалитетот и загаденоста на водата.

    Во лето 2019, кога истече концесијата на ЗСР „Бабуна“ за рибниот фонд на езерото Младост, полицијата неколку месеци го контролираше уловот од можните рибокрадци кои ловеа со мрежи. Но, ЗСР „Бабуна“ се соочува и со друг проблем, намалување на бројот на членови, на спортски риболовци.

    „Од година во година, членството е во опаѓање. Повозрасните генерации ги нема, помладите немаат толкав интерес за спортскиот риболов. Потоа иселувањето, но и состојбата на водите. Немаме константно чисти ревири каде може да се лови“, објаснува Наумовски.

    Ако во некои минати времиња велешките спротски риболовци беа државни прваци на ниво на Југославија, сега такви вљубеници и ентузијасти нема. Повозрасните ја помнат Невена Тончова, рибарка која беше мајстор на риболовот. На прашањето дали таа има некој наследник, Наумовски одговори дека годинава имаат десетина жени во членството.

    Досега немало испитување каков е квалитетот на рибата што се лови во Вардар, која низ Велес е од четврта категорија, а некогаш и вон категорија на загаденост.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира