СЕ ЧЕКА РЕЗУЛТАТ ОД ТЕСТОТ ЗА КОРОНАВИРУС НА БИТОЛЧАНЕЦ КОЈ ПОЧИНА НА ПРЕТПОСЛЕДНИОТ ДЕН ОД САМОИЗОЛАЦИЈАТА

    СЕ ЧЕКА РЕЗУЛТАТ ОД ТЕСТОТ ЗА КОРОНАВИРУС НА БИТОЛЧАНЕЦ КОЈ ПОЧИНА НА ПРЕТПОСЛЕДНИОТ ДЕН ОД САМОИЗОЛАЦИЈАТАПочинатиот маж има 66 години и бил во самоизолација откако се вратил од Англија, каде се син му и жена му, починал вчера на претпоследниот ден од изолацијата, полиција влегла во станот и го нашла мртвото тело, а епидемиолози му зеле брис кој е даден на испитување; - Зградата во која живеел починатиот. (Фото: СДК.МК)

    Не е завршено тестирањето за коронавирус на мажот од Битола кој вчера беше пронајден мртов во неговиот стан, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

    „Не е завршено тестирањето за двајца пациенти, за пациентот од Битола и жената од Лабуништа која е почината вчера. Материјали се земени непосредно пост мортем, веднаш кога ќе бидат готови резултатите ќе ги соопштиме. Во зависност од резултатите ќе бидат преземени мерки понатаму“, рече Филипче.

    Починатиот маж има 66 години и бил во самоизолација откако се вратил од Англија, каде се син му и жена му. Починал вчера на претпоследниот ден од изолацијата, а роднините откако не можеле да го добијат повикале надлежни служби да ја отворат вратата од неговиот стан во Битола. Полиција влегла во станот и го нашла мртвото тело на битолчанецот. Епидемиолози му зеле брис кој е даден на испитување.

    „Вчера му беше последен ден од самоизолацијата. Го гледавме, излегуваше на балкон, тресеша алишта. Меѓутоа, човекот не дочека да му заврши изолацијата, почина“, вели соседот Илија Дембелевски.

    Соседите велат дека се чекало неколку часови да биде подигнато телото на мртовецот, зашто службите не можеле да се договорат во чија надлежност е тоа. На крај, дошло погребално претпријатие, на вработени од таму им биле дадени скафандери и тие го изнеле телото.

    „Никој не влегуваше кај човекот да го подигне. Од полицијата не се нафаќаа да го сторат тоа. Епидемиолозите, откако влегоа и ги зедоа брисовите, рекоа ние ќе ви дадеме скафандери ако се нафаќа некој да го дигне. Околу 18 часот, дојдоа од погребално претпријатие и го подигнаа човекот“, кажува Дембелевски.

    На местото имало и пожарникари, но тие рекоа дека не интервенирале зашто немале заштитна опрема.

    Мртвото тело во меѓувреме е ставено во ладилник. Од обвинителството велат дека ако е позитивен на коронавирус, телото ќе му се препушти на епидемиолошки тим, а ако е негативен ќе се одлучува дали да се направи обдукција или не.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира