СЕ ДИСТРИБУИРА ГЛАСАЧКИОТ МАТЕРИЈАЛ, ЗА ПЕЧАТЕЊЕ ПОТРОШЕНИ 60 ТОНИ ХАРТИЈА

    СЕ ДИСТРИБУИРА ГЛАСАЧКИОТ МАТЕРИЈАЛ, ЗА ПЕЧАТЕЊЕ ПОТРОШЕНИ 60 ТОНИ ХАРТИЈАОд печатницата „Киро Дандаро“ во Битола се дистрибуираат околу 4,5 милиони гласачки ливчиња и друг печатен материјал. (Фото: СДК.МК)

    Шеесет тони хартија се искористени за да се испечатат гласачките ливчиња и другиот гласачки материјал за престојните локални избори в недела. Потрошена е голема количина хартија, зашто за овие избори има рекорден број листи со кандидати, политички коалиции и независни.

    Уште рано изутринава, во комбиња на Македонски пошти и со големо полициско обезбедување започна транспортот на гласачките материјали од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола каде се печатеше, до општинските изборни комисии. Се врши дистрибуција на околу 4,5 милиони гласачки ливчиња и друг печатен материјал.

    „За овие избори имаме за дистрибуција многу материјал до 80 општини плус градот Скопје. Има многу материјал зашто има рекорден број на листи на независни кандидати и независни листи, повеќе коалиции. Комбињата и камионите на Македонски пошти ги пратат и возила на МВР зашто се работи за доверлив материјал, гласачки ливчиња и изводи од гласачките списоци. Денес ќе се дистрибуира гласачкиот материјал, а за утре ќе остане да се предадат уште уредите за биометриска идентификација на гласачите“, рече Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК).

    Гласачкиот материјал како и за низа претходни избори се печатеше во битолската печатница „Киро Дандаро“.

    „За релативно краток период од 20 дена завршивме огромна работа, односно отпечативме околу 4,5 милиони ливчиња и огромен пратечки материјал, записници и сè што е потребно за спроведување на изборите. Овие гласачки ливчиња, според мене, се едни од најзаштитените зашто има преку 20 заштити и не е можно никакво фалсификување, префрлање од едно изборичко место на друго, зашто сите се обележани со свое избирачко место. Отпечативме 40 тони хартија за ливчиња и плус околу 20 тони хартија за записници и други материјали“, рече Драги Милошевски, директор на „Киро Дандаро“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира