СЕ ИЗЛЕАЈА РЕКИ И КАНАЛИ, ПОПЛАВЕНИ КУЌИ ВО ПРЕСПА И НИВИ ВО ПЕЛАГОНИЈА, ДЕЛ ОД ПОГРАНИЧНИТЕ СЕЛА СЕ БЕЗ ВОДА

    СЕ ИЗЛЕАЈА РЕКИ И КАНАЛИ, ПОПЛАВЕНИ КУЌИ ВО ПРЕСПА И НИВИ ВО ПЕЛАГОНИЈА, ДЕЛ ОД ПОГРАНИЧНИТЕ СЕЛА СЕ БЕЗ ВОДАОд Општина Битола велат дека во последните 48 часа на подрачјето на Битола наврнале околу 100 литри дожд на квадратен метар. (Фото: СДК.МК)

    Поплавени домови, штали, земјоделски површини предизвикаа обичните дождови во Преспанско-Пелагонискиот Регион, а дел од пограничните села во Битолско се без вода. Најризично е во селата Дрмени и Царев Двор во Преспа, каде се излеаја селските реки и поплавија и куќи.

    „Имаме проблем, сега е нормализирана состојбата, утрото беше лошо. Се излеаја реките и каналите, од секаде вода протече, од Голема Река, Царедворска и други. Најголем дел од речните корита беа одржувани, но наврна многу дожд. Поплавени се цели села Дрмени, Царев Двор, водата навлезе и во куќите“, изјави градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски.

    Во битолското Лажец веќе неколку дена е излеана Лажечка Река и има поплавено десетици хектари земјоделска површина и штали со добиток.

    „Реката навлезе по нивите, отидоа и пченицата и пченката. Штетите ќе бидат големи. Пченицата е од есенската сеидба, а пченката од пролетната седиба остана по нивите, не беше ожнеана, сега е целата искршена. Голема површина е поплавена, меѓу 50 до 100 хектари. И по шталите влезе вода. Речното корито не беше исчистено со години, се преземаат акции само кога има поплави“, обвинуваат жители од битолското село Лажец.

    Од Општина Битола велат дека во последните 48 часа на подрачјето на Битола наврнале околу 100 литри дожд на квадратен метар. Состојбата на целата територија е стабилна и е под контрола. Екипите на јавните општински претпријатија, како и Водостопанство, Стрежево и општествено одговорни компании, работат на терен и со соодветна механизација интервенираат во чистење на речните корита и каналите. На повеќе локации има наноси кои најверојатно потекнуваат од несовесно фрлање на отпадот и природно паѓање на дрвјата и гранките од невремето.

    „Во Лажец, како и во останатите пелагониски села, согласно Годишната програма за одржување на речните корита и канали, Водостопанство во соработка со Општина Битола реализираа интервентни активности за чистење на речниот тек, пред да настапат обилните врнежи од дожд“, одговорија од Општина Битола на нашето прашање дали ја чистеле Лажечка Река.

    Од Јавното претпријатие Водовод од Битола соопштија дека со прекинато водоснабдувањето се населените места од Кравари до граничниот премин Меџитлија.

    „Со оглед на временските неприлики и поплавените делови, екипите на терен се соочуваат со потешкотии при лоцирање на дефектот, поради што интервенцијата може да потрае подолго од вообичаено“, соопштија од Водовод.

    Според Центарот за управување со кризи (ЦУК) во Битолско излеана е и реката Шемница кај село Лера, од што е поплавена куќа и штала. Надојдена е и реката Црна, чиј водостој ќе расте и во текот на денот. Нејзиното речно корито има уште простор за да ги прифати водотеците, но можно е да дојде до полнење на коритата на нејзините притоки. Воедно Пелагонија се соочува и со високи подзмени води.

    Според Управата за хидрометеоролошки работи до утрово најмногу дожд за 12 часа наврна во Претор 66 литри на квадратен метар. Крушево 37, Битола 30.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира