СЕ ОБЕСИ БИТОЛЧАНЕЦОТ КОЈ ЗА УБИСТВО НА СОПРУГАТА СО СУКАЛО БЕШЕ ОСУДЕН НА 40 ГОДИНИ ЗАТВОР

    СЕ ОБЕСИ БИТОЛЧАНЕЦОТ КОЈ ЗА УБИСТВО НА СОПРУГАТА СО СУКАЛО БЕШЕ ОСУДЕН НА 40 ГОДИНИ ЗАТВОРЗградата во Битола каде што во март минатата година се случило убиството. (Фото: СДК.МК)

    Затвореникот кој утрово бил пронајден обесен во битолскиот затвор е Илија Дарков (54) кој лани ја убил 47 годишната сопруга Е.Д. со сукало во стан кај месноста Декорпод во Битола.

    Од битолската полиција за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека се работи за истото лице против кое лани била поднесена кривична пријава за убиство на сопругата. Од таму велат дека лицето било повеќе месеци во притворското одделение, само во ќелија, а утрово обесен го нашле надзорниците кога делеле храна.

    Неофицијално дознаваме дека затвореникот се обесил на импровизирана врвка која ја составил врзувајќи ќебиња и чорапи. Тој бил првостепено осуден на 40 години затвор, пресуда која ја имаше обжалено до Апелациониот суд.

    Битолчанецот Дарков во март минатата година со сукало ја претепал до смрт сопругата, мајка на нивното четиригодишно девојче. По убиството, тој отишол во СВР Битола и пријавил дека ја пронашол неговата сопруга Е.Д. (47) од Битола падната на подот во дневната соба. Излажал дека бил во визбата и кога се вратил ја нашол падната во локва крв.

    Кога полицијата и јавниот обвинител отишле на увид во семејниот дом, глетката била страшна. Жртвата била буквално со здробена глава, крв во дневната соба имало насекаде. Но, траги од упад на лица со материјален, или каков било друг мотив за вршење кривично дело, немало. Предметите не биле растурени, тука биле лаптоп компјутерите, мобилните телефони и останатите вредни предмети.

    Екипата на крим-техника не констатира траги од насилно влегување во станот. Предмети и траги, како и комплетната облека на пријавениот, биле земени и испратени на вештачење во МВР. На облеката на пријавениот биле забележани траги слични на крв (особено во долниот дел на облеката), кои упатувале на сомнеж дека пријавениот бил извршител на делото. Битолската полиција поради ова поднела кривична пријава токму против сопругот на убиената жена.

    Тогаш од полиција изјавија дека пријавениот делото го направил на крајно свиреп начин и тоа со повеќе удари со тап тврд предмет, најверојатно сукало, кое го имал дома. На жртвата ѝ нанел смртоносни повреди во пределот на главата. Причина за свирепото убиство била семејна расправија околу продажбата на станот.

    Четиригодишното девојче за време на претепувањето било во станот, но наводно спиело и не ја видело страшната глетка.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира