СЕ ПЕНЗИОНИРААТ 40 ДОКТОРИ И МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ ВО ВЕЛЕШКАТА БОЛНИЦА, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ НЕ ОДОБРУВА НОВИ ВРАБОТУВАЊА

    СЕ ПЕНЗИОНИРААТ 40 ДОКТОРИ И МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ ВО ВЕЛЕШКАТА БОЛНИЦА, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ НЕ ОДОБРУВА НОВИ ВРАБОТУВАЊАПациенти со тешки белодробни болести ќе треба да патуваат до Јасеново или Скопје оти единствениот доктор од Велешката болница до крајот на годината ќе оди во пензија. (Фото: СДК.МК)

    Доктори одат во пензија, а Министерството за финансии не ни одобрува нови вработувања, вели директорот на Велешката болница д-р Божидар Бојаџиев. До крајот на годинава и наредната година, 40-тина доктори и медицински сестри ќе заминат во пензија, а замена за нив нема.

    „Дeсетина од лицата кои ќе се пензионираат се доктори на 67 години и мора да заминат, не можеме да ги задржиме. Тоа е сериозна бројка. За нови вработувања не успеваме. Имаме поднесени барање до Министерството за здравство од каде добиваме согласност, за жал не и од Министерството за финансии. Имаме шест специјализанти кои треба да завршат, петмина пуштивме лани. Имаме барање и од медицински сестри да заминат во странство. Состојбата е тешка, за да создадеме доктор треба најмалку 12 години“, вели д-р Бојаџиев.

    Оваа јавна здравствена институција нема ушен и кожен доктор, еден е очен, еден е трансфузиолог. Пациенти со тешки белодробни болести од Велес ќе бидат изложени на дополнителни трошоци, бидејќи единствениот доктор од Велешката болница до крајот на годината ќе оди во пензија. Со неговото заминување, матичните лекари ќе мора да ги преупатуваат овие пациентите кои редовно примаат медицинска терапија во Специјализираната болница во Јасеново или во Скопје, додека АТД диспанзерот за белодробни заболувања пред две години се затвори со пензионирањето на двете докторки.

    Болницата се мачи и со греењето во Инфективното одделение, каде се лекуваат ковид пациенти од Повардарјето. Од Министерството за здравство ниту по еден месец не одговорија на поставеното прашање, дали и кога ова Одделение ќе се реновира и зошто не дозволуваат да се отвори монтажната болница, која е неискористена и празна.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира