Едно дете е заразено, а уште три се водат како сомнителни, поради појава на шуга во Основното училиште „Кирил и Методиј“ во кумановското село Романовце, потврди директорот на училиштето Скендер Рушити. .
Заразеното дете е во домаша изолација, заедно со неговата сестра, ученичка во трето одделение и целото семејство.
„Има само еден потврден случај на шуга, за другите ученици сме предупредени усно, тие случаи се изолирани, си седат дома. Една од нив е сестра на заболеното прваче, ученичка во трето одделение. За уште два случаја дополнително, ама немаме потврда, се претпоставува дека имаат шуга, бидејќи во петокот не дошле на училиште. Потврдениот случај е во изолација до 22 февруари, и со целата фамилија се дома“, вели директорот.
Тој додава дека по добиената потврда училиштето ги презело сите санитарно-хигиенски мерки, а ги известиле и Центарот за јавно здравје и Сектор за образование на Општина Куманово.
На 14, 15 и 16 февруари била извршена дезинфекција на училниците, а зголемено е и нивото на хигиена. Наставата во училиштето се одвива тековно.
Од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Куманово најавија дека утре ќе дадат повеќе информации за состојбата по појавата на шуга во училиштето.
Шугата е заразна болест која се јавува кога одржувањето на лична хигиена е на ниско ниво.
Во ОУ „Кирил и Методиј“ настава посетуваат над 300 ученици на македонски и албански јазик.
С. НИКОЛИЌ