СÈ ПОМАЛКУ НÈ ИМА ОД ДЕН НА ДЕН, СТАНУВА СÈ ПОТЕШКО, РЕКОА МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ И АКУШЕРКИТЕ ВО ВЕЛЕС

    СÈ ПОМАЛКУ НÈ ИМА ОД ДЕН НА ДЕН, СТАНУВА СÈ ПОТЕШКО, РЕКОА МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ И АКУШЕРКИТЕ ВО ВЕЛЕСЦентралната прослава на Неделата на сестринството (5 -12 мај) се одржа во Велес. (Фото: СДК.МК)

    Во здравствените установи во земјава сѐ помал е бројот на медицински сестри и акушерки, и тие ја повикаа државата да стори сѐ, ваквата состојба да се промени на подобро. Овие здравствени работници апелираа да се внимава, со ваков одлив на кадар да не останат здравствените установи и пациентите без нив.

    Централната прослава на Неделата на сестринството (5 -12 мај) се одржа во Велес.

    „Сѐ помалку сме на број, од ден на ден на работните места. Секој ден е сѐ потешко и понапорно. Во некои здравствени установи медицинските сестри се преполовени. Поради тоа се плашиме за безбедноста и на сестрите и на пациентите. Ценете ги, штитете ги, почитувајте ги и инвестирајте во сестрите за одржлива иднина за сестринството и за здравствената и акушерската нега. Заштите ја сестринската и акушерската професија. Да се реши недостигот на работна сила, инвестирајте во програми за образование на медицински сестри и акушерки“, кажа Велка Гавриловска-Лукиќ, претседателка на Националниот сојуз на медицинските сестри, техничари, акушерки на Македонија (НЗМСТАМ).

    Потребно е да се поддржи напредокот на медицинските сестри во кариерата, од општа до специјалист и сестра со напредна пракса. Годинашново мото на Неделата на сестринството и акушерството, за акушерките чиј ден е 5 мај е „Клучни во секоја криза“, а за медицинските сестри чиј ден е 12 мај е „Нашите сестри наша иднина, грижата за нив ја зајакнува економијата“.

    „Акушерките се дефицитарна струка во Македонија. Постојано апелираме до надлежните да имаме што повеќе едуциран кадар, за да одгвориме на секојдневните предизвици во работата. Работиме секоја четврта вечер, барем ние од Клиниката за гинекологија и акушерство, каде се носат сите критични случаи од земјава, а за да нема несакани случувања, треба да имаме адекватен одмор и исплата“, рече Сања Буклишева, претседателка на секцијата на акушерки при НЗМСТАМ.

    На свеченоста, на повеќе здравствени институции од земјава им беа врачени благодарници, за несебично вложениот труд, професионалност, одважноста, храброста и одговорноста при давањето на здравствена помош во првите моменти од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, со 62 жртви и 200 повредени.

    „Медицинските сестри, техничарите се првите што доаѓаат во контакт со пациентите, но и со здравите кои сакаат да го сочуваат своето здравје. На болните им помагаат да им се олесни болката, страдањето. Акушерките се први кои доаѓаа во контакт со новороденчето и тие ја имаат најубавата задача да помагаат при доаѓањето на свет на бебето“,  кажа Ружица Нацева, претседателка на општинското Здружение на медицински сестри, техничари и акушерки од Велес.

    Вработените во здравството во април не добија зголемени плати, иако беше најавено дека покачувањето ќе биде од април. Здравствените работници кои се јавија минатиот месец во нашата редакција реагираа дека мартовската плата ја добиле без покачувањето кое го најави Владата.

    „Вработените во здравството ќе добијат зголемување на платата, започнувајќи со платата за март 2025. Зголемувањето ќе се исплати по потпишувањето на анексите на колективните договори, согласно овластувањето кое Владата им го даде на директорите на јавните здравствени установи”, ни одговорија од Министерството за здравство на средината на април.

    Владата на 9 април соопшти дека растат платите на вработените во здравството, образованието и безбедноста.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира