Се поставува електронска рампа на Кејот 13 Ноември. Утрово работници ја монтираа рампата со што ќе биде дозволен влез само за возила на „Телеком“.
Кејот 13 Ноември сега е претворен во паркинг. Рампата која досега стоеше постојано беше крената. Возилата слободно можат да се влезат, откако пред три години Град Скопје во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски донесе одлука низ кејот да минува улица за пристап до зградата на „Телеком“ на Плоштад Македонија.
Од Град Скопје велат дека на овој начин ќе се регулира движењето на возила, односно кејот нема да биде блокиран со возила.
„Состојбата со шеталиштето на Кеј 13 Ноември е резултат на непланското работење на претходната градска администрација, без да се размислува какви последици ќе имаат одлуките за градот и за граѓаните кои живеат таму. На овој потег беше предвидена подземна сообраќајница, но во одреден момент инвеститорот беше ослободен од обврската да ја изгради. Тоа направи хаос. Градот нема 3 или 4 милиони евра да изгради подземна сообраќајница, ниту пак тој проблем сме можеле да го решиме за една година. Во соработка со ’Телеком‘ и со угостителите работиме на идејно решение. Решавањето на проблемот на кејот ќе биде дел од смарт решенија кои ќе го регулираат сообраќајот и нема да дозволат секој да може да влегува и да паркира на овој потег. Во сето тоа примарно за нас е да ги задоволиме и потребите на граѓаните тука да имаат простор како шеталиште“, изјави градоначалникот Петре Шилегов на 31 јануари за проблемот за паркирани коли на кејот.
А. АНТЕВСКА