КЕЈОТ ОКУПИРАН ОД ТЕРАСИ НА КАФУЛИЊА И КОЛИ, ШИЛЕГОВ И БОГДАНОВИЌ ВЕЛАТ НАСЛЕДИЛЕ ПРОБЛЕМ ЗА КОЈ НЕМА ИНСТАНТ РЕШЕНИЕ

    КЕЈОТ ОКУПИРАН ОД ТЕРАСИ НА КАФУЛИЊА И КОЛИ, ШИЛЕГОВ И БОГДАНОВИЌ ВЕЛАТ НАСЛЕДИЛЕ ПРОБЛЕМ ЗА КОЈ НЕМА ИНСТАНТ РЕШЕНИЕСпоред податоците на Град Скопје, само две од кафулиња имаат добиено одобрение за тераса, што значи дека другите освен што го блокираат кејот, не плаќаат ниту комунална такса.(Фото: К. Попов)

    Кејот 13 Ноември личи на сѐ само не на шеталиште. Повеќе од половина од плочникот со години е заземен со тераси на кафулињата, а оној малку простор што остана слободен е улица и паркинг простор.

    Терасите на кафулињата со години се распослани и на средина од кејот. Дури и в зима оние кафулиња кои не ги заградиле терасите го блокираат просторот со поставените тенди, кои им служат како магицин за гајби, шишиња, маси и столици. Не плаќаат ниту комунална такса. Според податоците на Град Скопје, само две од кафулињата имаат добиено одобрение за тераса, што значи дека другите освен што го блокираат кејот, не плаќаат ниту комунална такса. Дополнително, една од кафеаните инсталирала оџак во висина под првот кат на ГТЦ низ кој нон-стоп излегува чадот од нејзината кујна и го загадува воздухот.

    Од пред три години, Советот на Град Скопје кога градоначалникот беше Коце Трајановски донесе одлука наместо под земја улицата за пристап до зградата на „Телеком“ да минува низ шеталиштето, и оној малку слободен простор го снема. На кејот влегува кој како стаса, од сите страни минуваат автомобили, комбиња и се паркираат кај сакаат. Рампата која е поставена на влезот е крената 24 часа на ден и никој не го контролира движењето.

    На кејот влегува кој како стаса, од сите страни минуваат автомобили, комбиња и се паркираат кај сакаат. Рампата која е поставена на влезот е крената 24 часа на ден и никој не го контролира движењето. (Фото: Фејсбук)

    Една година откако во Општина Центар и во Град Скопје за градоначалници беа избрани Саша Богдановиќ и Петре Шилегов, не е преземено ништо за враќање на првобитната намена на кејот, да биде шеталиште и слободен простор за граѓаните. Ниту едно од кафулињата кои немаат дозвола за терасите кои се градби не се санкционирани, ниту пак се контролира и казнува движењето на возилата.

    Богдановиќ и Шилегов одговарајќи на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто дозволуваат кејот да биде уништен и блокиран од тераси и возила,  велат дека инстант решение за овој наследен проблем нема, но работат на наоѓање.

    „Состојбата со шеталиштето на Кеј 13 Ноември е резултат на непланското работење на предходната градска администрација, без да се размислува какви последици ќе имаат одлуките за градот и за граѓаните кои живеат таму. На овој потег беше предвидена подземна сообраќајница, но во одреден момент инвеститорот беше ослободен од обврската да ја изгради. Тоа направи хаос. Градот нема 3 или 4 милиони евра да изгради подземна сообраќајница, ниту пак тој проблем сме можеле да го решиме за една година. Во соработка со ‘Телеком‘ и со угостителите работиме на идејно решение. Решавањето на проблемот на кејот ќе биде дел од смарт решенија кои ќе го регулираат сообраќајот и нема да дозволат секој да може да влегува и да паркира на овој потег. Во сето тоа примарно за нас е да ги задоволиме и потребите на граѓаните тука да имаат простор како шеталиште“, вели Шилегов.

    Дури и зимно време оние кафулиња кои не ги заградиле тераси го блокираат просторот со поставените тенди, кои им служат како магицин за гајби, шишиња, маси и столици. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ признава дека со терасите на кафулињата е зафатен голем дел од кејот, но тоа со години се дозволувало и на таквите тераси им се давале одобренија за работа.

    „Овој потег беше користен како премин за градежните работи на Скопје 2014 со кои во добар дел беше и уништен кејот. Имаме ситуации кога денеска поставуваме рампа, а утре ја кршат. Терасите се покриени со одредени одобренија, така се поставени бидејќи некој им го дозволил тоа. Треба и со нив да се разговара за наоѓање решение. Разговараме за инфраструктурни проекти и за реновирање и на други локации каде што ни се повторуваат вакви ситуации. Со поставување на едно столпче не се решава проблемот со возилата. Воопшто не требало да се дозволува такви градби на Плоштадот, кои после треба да ги покриете со сервисни улици и да им обезбедите пристап. Сега ние треба да го излечиме тоа што некој го упропастил. Бараме решение кое нема да биде инстант“, вели Богдановиќ.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира