Советот на Општина Тетово ја одржа последната седница во овој состав. Тетовските советници не беа премногу расположени за дискусија, па триесет и четирите точки од дневниот, во кои доминираа оние од урбанизмот и образованието, беа беа поминати за помалку од два часа работа.
И оваа последна седница на Советот на општина Тетово не помина без меѓупартиски препукувања помеѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Веднаш на почетокот на седницата координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Горан Јовановски најави дека неговата советничка група ќе ја напушти работата на седницата.
„Јас пресметав дека градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи во изминатите 4 години не присуствувала на половината од седниците на Советот, а и на оние седници на кои присуствувала, заминувала после втората и ли третата точка на дневниот ред. Тоа преставува целосно непочитување на сите нас Советници во тетовскиот Совет. Неа и денеска ја нема на оваа последна седница во овој состав. Поради тоа и ние како советничка група ја напуштаме работата на денешната седница“, изјави од советничката говорница Горан Јовановски.
Претседавачот на Советот на општина Тетово Хисен Џемаили како и другите советници изразија загриженост што после 15 мај, по истекот на нивниот мандат, ќе се јават проблеми во работењето на општината.
„Очекуваме да се јават проблеми и во исплатите на платите на вработените и во функционирањето на службите на општината. Ова прашање мора итно да се реши било од страна на Уставниот суд или од Собранието на Република Македонија. Ние се уште не сме сигурни како ќе функционираме после 15 мај“, изјави претседавачот на Советот Хисен Џемаили.