ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА 16,6 КИЛОМЕТРИ ОД ПАТОТ КУМАНОВО-РАНКОВЦЕ, ВРЕДНА 7,2 МИЛИОНА ЕВРА, СЕ РАБОТИ И НА ПАТОТ ДО ДЕВЕ БАИР

    ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА 16,6 КИЛОМЕТРИ ОД ПАТОТ КУМАНОВО-РАНКОВЦЕ, ВРЕДНА 7,2 МИЛИОНА ЕВРА, СЕ РАБОТИ И НА ПАТОТ ДО ДЕВЕ БАИРДо крајот на јуни се очекува да започне и реконструкцијата на останатиот дел од магистралниот пат (Фото: СДК.МК)

    Започна реконструкцијата на втората етапа од магистралниот пат Куманово-Крива Паланка, од селото Војник до Ранковце, во должина од 16,64 километри.

    „Коловозот ќе биде со променлива ширина од 7 до 10 метри, инвестицијата е вредна 7,2 милиона евра, обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта. Патот треба да биде завршен во пролет 2021, но од претпријатието ‘Бетон‘ ветуваат дека ќе се потрудат да биде готов до крајот на годината“, изјави директорот Зоран Китанов, кој денеска изврши увид во градежните работи.

    Тој додаде дека до крајот на јуни се очекува да започне и реконструкцијата на останатиот дел од магистралниот пат, од Куманово до Војник, со средства од ИПА програмата.

    „Со обновата и на овој дел, конечно ќе заврши маката на граѓаните кои го користат овој пат стар 40 години. Патот ќе биде рехабилитиран и обновен и ќе се добие најсовремен пат, бидејќи овде имаме фреквенција на сообраќај со тешки возила, со што ќе се намалат гужвите. Коридорот 8 ќе го добие вниманието што го заслужува“, додаде Китанов.

    Минатата недела заврши комплетната рехабилитација на патот Ранковце-Крива Паланка во должина од 21 километар. Во моментот се работи на обележувањето на сообраќајницата, а интензивно се работи и на патот Крива Паланка-граничен премин Деве Баир. До следната година треба да се заокружи целата реконструкција, а за две години ќе се завршат и експресните патишта од Коридорот 8 кон Бугарија.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира