СЕ УРИВА ДИВОИЗГРАДЕНИОТ ЅИД В ЕЗЕРО КАЈ ГРАДИШТЕ

    СЕ УРИВА ДИВОИЗГРАДЕНИОТ ЅИД В ЕЗЕРО КАЈ ГРАДИШТЕУривањето на дивоизградениот ѕид во авто-кампот Градиште почна два месеца по издаденото решение за рушење. (Фото: Општина Охрид)

    Денеска претпладне, почна уривањето на нелегално изградениот ѕид кај авто-кампот во Градиште. Според неофицијални информации, објектот го рушела фирмата инвеститор „Самер тајм експорт-импорт“ од Љубаништа. Уривањето дојде само еден ден откако медумите објавија за дивоградбата, а градоначалникот Константин Георгиески кажа дека инспекторите издале налог за рушење уште пред два месеца.

    „Започнаа активностите за отстранување на нелегално изградениот ѕид во авто-кампот Градиште. Градежен, комунален инспектор и инспектор за животна средина утрово извршија увид, по што беше констатирано дека изведувачот нема постапено согласно издаденото решение за отстранување. Согласно тоа, денеска започнаа активностите за отстранување на нелегално изградениот ѕид“, објави на својата фејсбук страница градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.

    Од локалната самоуправа, претходно соопштија дека инспекциските служби на Општина Охрид на 24 март годинава извршиле увид и составиле записник. Согласно законските процедури, донесено е решение за отстранување со кое на изведувачот му се дава законскиот рок сам да го отстрани, а ако тоа не го направи во предвидениот рок, Општина Охрид ќе го отстрани на сметка на изведувачот.

    Градоначалникот Георгиески кажа дека никој од Општината не издал одобрение за изградба на објекти кои го загрозуваат Охридското Езеро.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира