СЕ УРИВААТ ПЛАТФОРМИТЕ НА НАЈАТРАКТИВНИТЕ ПЛАЖИ НА ОХРИДСКОТО КРАЈБРЕЖЈЕ, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ СЕ ОТСТРАНИ СЀ ШТО Е НЕЛЕГАЛНО

    СЕ УРИВААТ ПЛАТФОРМИТЕ НА НАЈАТРАКТИВНИТЕ ПЛАЖИ НА ОХРИДСКОТО КРАЈБРЕЖЈЕ, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ СЕ ОТСТРАНИ СЀ ШТО Е НЕЛЕГАЛНОДенеска се уриваше платформата на една од најатрактивните плажи на брегот, плажата „Куба либре“. (Фото: СДК.МК)

    Акцијата за отстранување на бесправно изградените објекти долж Охридското езеро денеска продолжи со отстранување на платформата на една од најатрактивните плажи на брегот, плажата „Куба либре“. Рушењето, кое се одвива под силно полициско обезбедување, ќе продолжи и на плажите „Кадмо“ и „Бела Виста“.

    Правниот застапник на „Куба Либре“, Михаил Кичеец вели дека преземените активности на Општина Охрид не се во согласност со законот. Според него активностите започнале без претходно доставено решение за отстранување на објектот, како и дека процесот за јавно наддавање за закуп на плажите спроведен во 2018 година не е завршен и од таму не може да се каже дека објектите врз кои сега се постапува се нелегални.

    „Иако во моментов се постапува дел доброволно, дел присилно од страна на општината ‘Куба либре‘ започнаа сами да ја отстрануваат платформата. Постапката не е законска. Тоа е сериозно пречекорување на овластувањата на Општина, решение нема официјално и не знаеме што ќе се руши. Струјата е исклучена противзаконски, објектот не работи“, вели адвокатот Кичеец.

    Досегашните концесионери на плажата „Куба либре“ имале поднесено барање до Општината за одлагање на извршувањето, но не било постапено по истото.

    „Со уривањето се прави штета на закупците, но и на вработените кои ќе останат без работа. Ќе страда цел туристички сектор и Охрид. Ќе се преземе адекватна реакција“, додава Кичеец.

    Маријан Маловчев менаџер на „Куба Либре“ вели дека и покрај тоа што им се истечени договорите за концесија ги плаќале сите обврски кон државата.

    „Ние најдовме начин по старата концесија да си плаќаме кирија и таа е платена заклучно со 28.02. 2021 година. Да не се прави лажна слика дека правиме некаков криминал. Не е точно дека сме заработиле 190 милиони денари профит. 516 илјади евра се во реинвестиција, 300 илјади евра се данок кон државата и сите платени концесии. Се трудевме да бидеме светла точка во угостителството, пример сме во Охрид и во државата“, вели Маловчев.

    Плажите „Куба либре“, „Кадмо“, „Бела Виста“, „Канео“ и „Потпеш“ , кои се опфатени со Генералниот урбанистички план, но немаат договори за концесија, од пред два дена останаа без напојување со електрична енергија.

    Од Општината велат дека градежната механизација и работните екипи ангажирани од Општина Охрид деновиве ќе пристапат и кон отстранување на платформите и објектите на крајбрежјето на потегот кон населбата „Канео“.

    „Општина Охрид е цврсто одлучена да воведе ред и да стави крај на долгогодишното самоволие и хаотично стопанисување со плажите на охридското крајбрежје. Повеќе нема да биде толерирано нелегално работење и остварување на бизнис интереси на поединечни фирми, кои без договори за концесија и надвор од сите законски процедури граделе објекти и узурпирале државно земјиште, со што нанеле значителни штети во строго заштитената зона на езерото. Угостителските објекти кои работат на овие плажи треба да престанат да извршуваат угостителска дејност надвор од законските процедури и да пристапат кон затворање на локалите“ стои во дописот од Општина Охрид.

    Оттаму додаваат дека остануваат посветени на исполнување на препораките на УНЕСКО и одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети и нема да има никаква селективност во постапките.

    „Никој не може и не смее да биде над законите и интересите на Охрид“, додаваат од Општината.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира