СЕ УРНА ДЕЛ ОД ЧАРДАКОТ НА НАЈСТАРАТА КУЌА ВО СТРУГА, МОЖЕ ДА ПАДНЕ ВРЗ ЛУЃЕ ВО ЧАРШИЈАТА, ОПШТИНАТА НЕ РЕАГИРА

    СЕ УРНА ДЕЛ ОД ЧАРДАКОТ НА НАЈСТАРАТА КУЌА ВО СТРУГА, МОЖЕ ДА ПАДНЕ ВРЗ ЛУЃЕ ВО ЧАРШИЈАТА, ОПШТИНАТА НЕ РЕАГИРАЧардакот на куќата изградена пред 150 години е белег на вредна староградска архитектура по која градот е препознатлив, но со години санацијата не може да се направи. (Фото: СДК.МК)

    Се сруши дел од чардакот на најстарата автентична куќа во струшката чаршија, куќата на Ќатовци, за која со години се алармираше дека е во лоша состојба. Распаднатите делови се опасност за минувачите, а рушевините ја отсликуваат негрижата за објект кој претставува белег на градот.

    Сопственикот Глигор Ќато вели дека досега никој од надлежните ниту излегол на терен ниту прашал, па вчера сам поставил лента на просторот околу куќата и со часови ги предупредувал минувачите да не поминуваат во близина на објектот оти делови од куќата паѓале на земја.

    „Практично, ја молам Општината да го отстрани делот кој може да причини штета, но и за ова мое барање немам добиено никаков одговор. Целта не е да ми ја поправи мене куќата, туку да обезбеди безбедност на граѓаните кои поминуваат по Чаршијата“, вели Ќато.

    Ќато пријавил и во полиција за потенцијалната опасност, а побарал помош и од противпожарна служба, но добил одговор дека полицијата не е надлежна, а струшката Пожарна не поседувала опрема за да се отстрани оградата која со часови виси и во секој момент може да падне.

    „Се работи за објект во распаѓање и потребна е опрема и стручност за безбедно да се тргне оградата која сега виси на еден штраф над струшката чаршија. Над оградата е чардакот кој е во распаѓање и какво било мрдање нестручно на оградата може да предизвика голема опасност“, додава Ќато.

    Чардакот на куќата изградена пред околу 150 години е белег на вредна староградска архитектура по која градот е препознатлив, но со години санацијата не може да се направи поради недавање согласност на еден од сопствениците на куќата.

    Глигор Ќато вели дека пред две години започнал судска постапка против другите сопственици на куќата за преземање итни санациони мерки за превенции од идна штета. Пред 7 месеци добил пресуда во негова корист и врз основа на тоа поднесол барање за издавање на одобрение за санација на објектот до Општина Струга.

    „Барам да се реши предметот по барање на одобрение за реконструкција со оглед на состојбата на објектот, но до денес немам добиено никаков одговор. Исто така, имам побарано Општината да дејствува согласно нејзините надлежности според Законот за градење каде се предвидува отстранување на делот од објектот кој може да причини штета доколку сопствениците не преземат такви дејности на отстранување на товар на сопствениците“, вели Ќато.

    Веќе пет години Ќато бара од Општина Струга и Завод и музеј Охрид да преземат мерки за санација но, како што вели, надлежните институции не преземаат ништо, а куќата се руши пред очите на сите.

    Од Завод и музеј Охрид неодамна кажаа дека во ваква состојба, при нарушени имотно-правни односи, не можат да преземат никакви мерки освен преговори со сопствениците да се согласат за заштита, реставрација и конзервација на куќата.

    „Завод и музеј не е во можност да ги започне процедурите за ставање на куќата под заштита. Тоа значи да се разработи детална техничка и фотодокументација на целиот објект, снимање на фасади, ентериери и слично. За тоа мора да има согласност од сите сопственици на куќата. За жал, во случајов има интерес од еден од сопствениците и ние сме спречени да извршиме снимање и да изготвиме решение за заштита на куќата“, вели Мишко Туткоски, директор на Завод и Музеј Охрид.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира