Клиничката болница во Штип завршува со првата фаза од реновирањето на старата зграда на Инфективното одделение која во изминатите неколку месеци не примаше пациенти. Тие се хоспитализираа во модуларната болница и речиси две години беше со исполнет капацитет од 47 пациенти не само од Штип туку и од соседните градови како регионален центар.
„ Првата фаза од реновирањето на Инфективното одделение заврши со целосна замена со термички врати и прозорци и комплетно фасадно уредување што беше проект од европските фондови за погранична соработка. Вложени се 160.000 евра. Уште толку ќе чини и втората фаза за комплетно внатрешно уредување, но за тоа веќе аплициравме до истите фондови кои го разбираат нашето доцнење поради пандемијата со ковид -19“ вели директорот на Клиничката болница во Штип, Ален Георгиев.
Зградата на Инфективното одделение во Штип според Георгиев добива и посебна автоматска пумпна станица за кислородна поддрша и современ систем во целата зграда за посебна противпожарна заштита.
„Модуларната болница и празна ќе се одржува, не дај боже во случај да се јави потреба за нејзинино повторно пополнување“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот Ален Георгиев.
Т. ЈОВАНОВСКИ