СЕ ЗАТВОРА РЕГИОНАЛНИОТ ВАКЦИНАЛЕН ПУНКТ ВО СТРУМИЦА, БРОЈОТ НА ВАКЦИНИРАНИ ВО СТРУМИЧКО ПОГОЛЕМ ОД ОБЈАВЕНИТЕ БРОЈКИ

    СЕ ЗАТВОРА РЕГИОНАЛНИОТ ВАКЦИНАЛЕН ПУНКТ ВО СТРУМИЦА, БРОЈОТ НА ВАКЦИНИРАНИ ВО СТРУМИЧКО ПОГОЛЕМ ОД ОБЈАВЕНИТЕ БРОЈКИПунктот во Струмица беше отворен нешто подоцна од останатите во државата (Фото: СДК.МК)

    Регионалниот вакцинален пункт во Струмица, кој се наоѓа во спортската сала на ООУ „Никола Вапцаров“, в понеделник се затвора. Процесот на вакцинација во Струмица и регионот продолжува во Службата за спортска медицина при ЈЗУ „Здравствен дом“, информираше директорката Љубица Митева.

    Таа нагласи дека вакцини има во доволен број и сите граѓани кои сакаат да се вакцинираат ќе мора да доаѓаат во кругот на струмичката болница.

    Митева посочи дека не се реални бројките за опфатот на вакцинацијата во Струмичко што ги објави Институтот за јавно здравје, според кои, заклучно со 26 септември, се вакцинирани 34,8% од населението над 18 години. Според неа, во статистичките бројки за Струмица не се вклучени сите оние граѓани кои во април и мај се вакцинираа во други градови, бидејќи вакциналниот пункт во Струмица беше отворен дури на 17 мај.

    „Нашиот вакцинален пункт беше отворен нешто подоцна од останатите во државата. Во тој период, наши сограѓани се вакцинираа во Скопје, Штип, Кавадарци, но и во Србија и Бугарија. Затоа сметам дека процентот што е даден е само за оние кои се вакцинирани во нашиот пункт“, кажа Митева.

    Во Струмица и регионот, според последните податоци на Институтот за јавно здравје, се вакцинирани 26.406 граѓани со една и 23.607 со две дози. Во Струмичко заврши и теренската вакцинација. Беа опфатени 58 села, при што биле аплицирани 7.430 дози.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира