Сечењето на шумата кај преспанското село Љубојно е регуларна сеча на нискостеблен даб во одделите 29 и 30, во шумско-стопанската единица Пелистер Брајчино, соопштија од Владата на прашањаТА на САКАМДАКАЖАМ.МК за тоа на што се должи сечата, откако жителите вчера одржаа и протест за нејзино запирање.
„Дабот има сечна зрелост (возраст) согласно сите научни принципи и оваа сеча е една од стотина вакви сечи во Македонија. Притоа, испочитувана е целокупната законска процедура и контроли со кои се гарантира дека шумата природно ќе се обнови. Направен е премер од стручни лица после кој е направен посебен план, рецензиран од стручна комисија и е одобрен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство“, одговорија од Владата.
Од таму истакнуваат дека за оваа сеча е ангажирана професионална лиценцирана фирма избрана на јавен тендер, а работите ги извршува под стручен надзор на Национални шуми. Дрвата се наменети за снабдување на локалното население со огревно дрво.
Вчера, жителите на преспанско Љубојно излегоа на протести против, како што рекоа, еколошката и инфраструктурна катастрофа што му се заканува на селото од големата сеча на дрвја од шумата.
„Се сече на нула, гола сеча, како фудбалско игралиште се прави шумата. Шумското претпријатие дало концесија на некоја фирма и сечат по 30 кубици односно 4-5 големи камиони товарени со дрва секој ден. Тоа е катастрофа за селото, бидејќи водата при поголем дожд ќе се слива во Љубојно. Патот кој е селски, не е јавен, се оштетува. Резерварот за вода е подолу и при поголем дожд ќе се контаминира“, рече Цане Лембовски, дел од групата која протестираше.
Жителите најавија и порадикални протести ако продолжи сечата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА