Над 190 километри на час возеле синоќа возачи на автопатот Скопје-Тетово-Гостивар. Во вчерашната акција на тетовската полиција биле констатирани дури 128 пречекорување на брзината на возење при што 7 лица биле уапсени поради многу брзо возење.
„На 13.04.2025 полициски службеници од полициските станици за безбедност на патниот сообраќај Тетово и Гостивар извршиле контрола за пречекорување на максималната дозволена брзина на движење во која биле констатирани 128 прекршоци, 67 на подрачјето на Тетово и 61 на подрачјето на Гостивар. За време на контролата, по член 297 А – безобѕирно управување на моторно возило, од слобода биле лишени седум лица (5 во Тетовскиот Регион и 2 во Гостиварскиот Регион)“, вели полицијата.
Од СВР Тетово велат дека на автопатот Скопје-Тетово, кај наплатна станица Желино, од слобода бил лишен М. Б. (47) од село Челопек, Тетовско, затоа што со „ровер“ со швајцарски национални ознаки, возел со 178 километри на час на место каде што дозволената брзина е 100 километри на час. На истото место од слобода била лишена Р. А. (42) од Тетово, која со брзина од 172 километри на час возела„пежо“ со тетовски регистарски таблички . Исто така, кај наплатната станица Желино од слобода бил лишен А. А. (33) од село Раковец. Тој со патничко возило „ауди“, со тетовски регистарски таблички, се движел со брзина од 193 километри на час.
На автопатот Скопје-Тетово, кај месноста Студена Вода од слобода бил лишен В. З. (24) од с. Желино, Тетовско, затоа што управувал патничко возило „ауди“ со тетовски регистарски ознаки со брзина од 179 километри на час. На магистрален пат Тетово-Гостивар, кај наплатна станица Гостивар, од слобода бил лишен А. М. (42) од Скопје затоа што управувал патничко возило ,,бмв“ со скопски регистарски ознаки со брзина од 171 километри на час и Н. Б.(54) од Охрид затоа што управувал патничко возило „фолксваген пасат“ со охридски регистарски таблички со брзина од 165 км/час.
„Лицата се задржани во полициска станица и по документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297а од Кривичниот законик“ соопшти СВР Тетово.
З. АНДОНОВ