За една недела исклучени се 20 диви приклучоци на водоводната мрежа во скопски Сарај, Крушопек и Долна Матка. Од ЈП „Водовод и канализација“ велат дека нивните екипи секој ден се на терен со цел да се ловат домаќинствата кои со питка вода полеваат цели нива, а за тоа не плаќаат нити денар.
„Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснабдувањето до сите корисници во град Скопје. Повикуваме на одговорно однесување и регуларно поднесување на барања за водоводен приклучок доколку за тоа имаат потреба. Апелираме до граѓаните доколку забележат див приклучок, истиот да го пријават на 023073 010, [email protected], www.vodovod-skopje.com.mk или преку мобилната апликација достапна за Android и iOS“, велат од претпријатието.
Дивите приклучоци се забранети со Законот за водоснабдување, член 23 и истите се утврдуваат од страна на овластен комунален инспектор на општината и на Градот. Од „Водовод“ велат дека за сите утврдени иматели на див приклучок ќе биде поткрена прекршочна постапка за сторено кривично дело.
А. АНТЕВСКА