СЕКОЈ ДЕН ПО ЕДЕН НОВОЗАБОЛЕН ОД РАК ВО БИТОЛА, ПОКАЖА ИЗВЕШТАЈ ЗА ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ

    СЕКОЈ ДЕН ПО ЕДЕН НОВОЗАБОЛЕН ОД РАК ВО БИТОЛА, ПОКАЖА ИЗВЕШТАЈ ЗА ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХПодатоците собрани од три мерни станици во февруари покажале дека половина од деновите биле со загадување над дозволените концентрации. - Депонијата Мегленци близу РЕК Битола (Фото: Ѓ. Личовски)

    Секој ден во Битола се регистрира по едно ново лице заболено од рак, секоја недела по една жена со рак на дојка, а неделно по два случаи со белодробен карцином, кажа Андријана Митревска од Здружението на граѓани за советување на поддршка на лица со карцином и лица кои се излечиле „Јасмин од Битола“. Податоците за малигните заболувања во Битола заедно со извештајот за загадувањето на воздухот во февруари беа соопштени вчера на промоцијата на Платформата за следење на квалитетот на воздухот „Земи здив“ во Битола.

    „Реалноста е дека во секое второ семејство има по еден заболен од канцер или некој близок роднина. Во Битола во 2016 година се лекувале 2044 битолчани од кои пет деца меѓу три и шест години, шест деца меѓу 7 до 9 години и четири од 10 до 14 години и два тинејџери од 15 до 19 години и 18 млади од 20 до 24 години. Немаме бројки за 2017 и 2018, но нашето здружение секој втор ден е контактирано од страна на новодијагностициран заболен од малигно заболување или пак некој кој го повторила болеста или се соочил со неа. Стапката на регистриран болнички морбидитет од малигни заболувања за 2010 година била 12,6 на 1000 жители, а 2018 изнесува 18,7 и расте. И јас бев една од нив, на 26 години ме зафати канцерот, на 28 години ме повтори, но горда сум што ја победив болеста“, рече Митревска.

    Пет граѓански здруженија од Битола формираа платформа за следење на амбиенталниот воздух и поставија се седум сертифицирани мерни станици кои се набавени од независната глобална светска мрежа AIRLY и се референтни уреди. Тие мерат ПМ10, ПМ 2,5 и ПМ 1 честички. Станиците се донација, а во иднина мрежата ќе се зголеми до 20.

    „Целта е да се воспостави систем на густа хипер локална сензорска мрежа која ќе испраќа информации од различни локации на градот и тие ќе се апсорбираат и ќе бидат видливи преку мобилна апликација на смартфон, таблет и преку веб апликација. Целта е да се генерираат извештаи и предлог мерки, решенија и следење на ефектите од примената на таквите мерки, како и да се мапираат загадувачите. Ова ќе биде една алатка корисна и за властите и носителите на јавни функции кои ќе треба да ги применуваат и за граѓаните бидејќи ќе имаат реална претстава во реално време какво е нивото на загаденост“, рече Драган Вељанов од „Земи здив“.

    Податоците собрани од три мерни станици во февруари покажале дека половина од деновите биле со загадување над дозволените концентрации.

    „Според насоките на ЕУ не смеат да се надминат над 35 дена годишно со загадување од МП 10 честички. Но над 50 проценти од деновите во февруари биле со загаденост над дозволените концентрации. Дури и оние денови кои се релативно чисти, сепак загадувањето се движи со некоја вредност од 40 микрограми на метар кубен што е исто така на високо ниво. Најчисто кај Симпо, односно Областа“, рече Мите Ристов од Геофера.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира