СЕЛОТО ЛУКОВИЦА УШТЕ НЕМА АСФАЛТИРАН ПАТ, ОД ВЛАДАТА ДОБИ ПАРИ ЗА ПОЛА ДЕЛНИЦА

    СЕЛОТО ЛУКОВИЦА УШТЕ НЕМА АСФАЛТИРАН ПАТ, ОД ВЛАДАТА ДОБИ ПАРИ ЗА ПОЛА ДЕЛНИЦАЖителите сами собираа пари за да се изработи елаборат за изградба на патот бидејќи Општина Желино немала предвидено пари за таа намена. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на село Луковица во Општина Желино конечно ќе добијат асфалтиран пат до селото. Ова село е единственото населено место во Тетовскиот Регион до кое нема изградено асфалтиран пат. Владата во буџетот за 2023 година одвоила 15 милиони денари за асфалтирање на оваа делница, пари кои се доволни само за околу половина од шесте километри од патот кој води до селото.

    „Разговаравме за локалните патишта што треба да се градат во Општина Желино и добивме од Министерството за транспорт и врски известување дека ни се префрлени средства од Владата за локалниот пат за село Луковица. Со овие средства ќе го реализираме првиот дел од локалниот пат. Со тие средства нема да го реализираме целиот проект, но сме благодарни за овие средства, оти со нив за првпат ќе се гради пат за Луковица, единствено село кое нема пат“, изјави градоначалникот на Општина Желино Блерим Сејдиу по средбата со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

    Министерот Бочварски не беше сигурен прецизно да каже колку километри од патот ќе бидат асфалтирани со одобрените пари  бидејќи, како што рече, цените на градежните материјали постојано осцилираат.

    „Јас ја знам состојбата со општината и токму поради тоа Владата дава директна поддршка за реализација на проектите кои значат развој на целиот регион. Експресно реагиравме на решавање на прашањето на реализација на локалниот пат Луковица, а средствата веќе се префрлени. Општината во наредниот период ќе направи ревизија и ќе направи тендерска постапка. Јас не можам да кажам дали тие средства ќе бидат доволни. Ќе се направи ревизија на пресметката, бидејќи цените на градежните материјали осцилираат“, рече Бочварски.

    Желбата на жителите на село Луковица, кое се наоѓа на падините на Сува Гора, да добијат асфалтиран пат до селото трае повеќе децении. Досега на двапати самите собираа пари за да се изработи елаборат за изградба на патот, бидејќи Општина Желино немала предвидено пари за таа намена. Сега се надеваат дека асфалтот конечно ќе стигне до нивното село или барем до половината од патот, а за другата половина ќе мора повторно да се борат за да добијат средства или од државата или од Општината Желино.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира