СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО ВО СТРУГА НЕ СЕ ПРИЈАВУВА, ЖРТВИТЕ НЕ ГО НАПУШТААТ НАСИЛНИКОТ ПОРАДИ СТРАВ И ЕКОНОМСКА НЕСИГУРНОСТ

    СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО ВО СТРУГА НЕ СЕ ПРИЈАВУВА, ЖРТВИТЕ НЕ ГО НАПУШТААТ НАСИЛНИКОТ ПОРАДИ СТРАВ И ЕКОНОМСКА НЕСИГУРНОСТГодинава во Струга имало две пријави за семејно насилство - Директорот на Центарот за социјални работи Мевмед Халили. (Фото: СДК.МК)

    Семејното насилство во Струга не се пријавува, најчесто поради страв на жртвата. За разлика од 2019 година, кога во Центарот за социјална работа во Струга биле регистрирани 15 случаи каде жртва била жената, а насилник брачниот партнер, во време на пандемијата на ковид-19 само 4 жртви пријавиле насилство.

    Околу 95 проценти од насилниците се мажи, а најзастапено е психичкото насилство врз жртвите кое е и најстрашно бидејќи се одвива континуирано, велат од Центарот за социјална работа. Од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Струга велат дека традиционалните вредности и економската несигурност најмногу влијаат врз жените да не го напуштат насилникот.

    „Освен врз жената, домашното насилство се одразува и врз децата дури и кога тие не се директно засегнати. Агресијата и насилството се рефлектираат врз емоционалниот и психичкиот развој на децата оставајќи трајни негативни последици, оти децата во нивната зрелост често го копираат моделот на однесување на своите родители“, велат социолозите од Центарот.

    Во Центарот работи посебен тим за семејно насилство, најчесто со лица кои имаат нарушени брачни, партнерски и семејни односи. Карактеристично е тоа што брачната заедница во ниту еден случај не е прекината дури ни од страна на жртвите, кои најчесто не се согласуваат да биде поведена бракоразводна постапка.

    „Сите овие случаи немаат судски епилог од причина што жртвите не сакаат да се поведе постапка од страна на Центарот за социјална работа – Струга до Основниот суд, со цел да се изречат мерки на заштита од семејно насилство, ниту сакаат бракот да се прекине. Причина за ваквата состојба е слабата материјална и станбена состојба на жртвите“, вели Мевмед Халили, директор на струшкиот Центар за социјални работи.

    Годинава имало две пријави каде жртва е жената, а насилник брачниот партнер. Една стружанка се охрабрила да побара помош, по што случајот завршил со судски епилог каде што на насилникот му била изречена мерка за заштита на жртвата од семејно насилство согласно Законот за превенција, спречување и заштита на жртвата од семејно насилство.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира