СЕСТРИТЕ МИТЕВСКИ МУ ГО ПОСВЕТИЈА „МАЈКА“ НА ТАТКА СИ, КОЈ ПОЧИНАЛ НА ПОЧЕТОКОТ НА СНИМАЊЕТО

    СЕСТРИТЕ МИТЕВСКИ МУ ГО ПОСВЕТИЈА „МАЈКА“ НА ТАТКА СИ, КОЈ ПОЧИНАЛ НА ПОЧЕТОКОТ НА СНИМАЊЕТОЕкипата на филмот кажа дека сакале да го снимаат во Македонија, но не нашле локација, па затоа е сниман во Белгија и Индија (Фото: СДК.МК)

    Мајка“ синоќа го отвори фестивалот „Браќа Манки“ во Битола, а сестрите Теона и Лабина Митевски, едната режисерка, а другата продуцентка, рекоа дека филмот му го посветуваат на нивниот татко.

    Солзи ми течат зашто во првата недела од снимањето почина нашиот татко. А, такво е снимањето филмови. Филмот е животот и ние моравме да продолжиме да снимаме. Кога се потсетуваме на снимањето, сите спомени се поврзани со нашиот татко, кој беше прекрасен човек, сликар и да не беше тој, ни ние немаше да бидеме овде“, рече Теона Стругар Митевска на денешната прес-конференција во Битола.

    Филмот, кој имаше светска премиера на Венецискиот филмски фестивал, раскажува седум дена од животот на Мајка Тереза во 1948 година во Индија, со сите душевни премрежиња што ги имала додека чекала одобрение од Ватикан да го напушти манастирот и да основа нов ред. Во него е прикажана и битката на жената помеѓу слободниот и животот посветен на Бога.

    Директорка на фотографија е Виржини Сен-Мартан од Белгија, сценографијата е на Вук Митевски, а прв асистент на режија е Јане Ќортошев. Во главните улоги се Номи Рапас и Силвија Хокс, заедно со Никола Ристановски. Сценариото е на Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ.

    Прво сакавме дома да го снимаме, цела Македонија ја поминавме и не можевме да најдеме локација. Ни најдоа дворец во Белгија. Голем предизвик беше да направиме еден огромен простор да наликува на 1948 година. Во Индија снимавме на вистинските локации, кои можеби беа најтешки за снимање, со огромна фреквенција на движење“, рече Вук Митевски.

    Белгиската кинематограферка Сен-Мартан прикажува храбар снимателски стил, во кој емоциите говорат преку ликовите на актерите.

    Филмот изгледа богато, иако немаше голем буџет. Работевме со четири милиони евра, имавме ограничен број денови за снимање, 20 во Белгија и 12 во Индија, а имавме и филмски ѕвезди. Беше сон да се работи филмот, но и кошмар да се вклопат сите останати продукциски елементи за сето ова да профункционира. Снимателката не можеше да го доведе својот тим, па мораше да работи со локален од 200 мажи, во кој само таа беше жена. Но, таа е многу храбра и успеа сето тоа добро да го вклопи“, рече Лабина Митевска, додавајки дека голем број диструбутери низ светот го бараат филмот за прикажување.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира