Веќе шеста година Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола не ја нуди лабораториската услуга спермограм, анализа на семената течност со која се проценува машката плодност. Пациентите бараат услугата да биде вратена, но и да се прошират лабораториските испитувања поврзани со дијагностицирањето на неплодноста. Од болницата велат дека е започната постапка за обезбедување соодветен кадар, односно биолог кој ќе ги врши анализите.
Пациенти од Битола на кои им е потребно ова испитување се обратија до нашата редакција, реагирајќи дека се принудени да патуваат во други градови, како Охрид и Прилеп, за да направат анализа во јавни здравствени установи или, пак, да плаќаат во приватни лаборатории.
„Според информациите со кои располагаме, цената на еден спермограм во приватна лабораторија може да достигне околу 150 евра, што претставува значителен финансиски товар за мажите кои се соочуваат со проблеми со плодноста. Особено тежок е проблемот за двојките кои се подготвуваат за ин витро оплодување (ИВФ). Во текот на дијагностиката и самата постапка, често е потребно спермограмот да се повторува повеќе пати, со цел да се следи состојбата и да се планира понатамошното лекување. Тоа подразбира дополнителни финансиски трошоци, патувања, отсуство од работа и непотребен стрес во период кој и онака е емотивно и финансиски исцрпувачки“, велат пациентите со кои контактиравме.
Тие бараат унапредување и проширување на дијагностичките капацитети на болницата, со што во јавниот здравствен систем би биле достапни и други испитувања поврзани со репродуктивното здравје.
„Во време кога постојано се зборува за зголемување на наталитетот, поддршка на семејствата и подобрување на репродуктивното здравје, сметаме дека е неопходно во рамките на јавниот здравствен систем да се овозможи пристап до основните испитувања поврзани со плодноста, како што се спермограмот за процена на машката плодност, АМХ (антимилеров хормон) за процена на оваријалната резерва, репродуктивните хормони ФСХ, ЛХ, естрадиол и пролактин, како и други специјализирани лабораториски анализи потребни за дијагностика, следење и лекување на инфертилитетот“, велат пациентите.
Тие додаваат дека репродуктивното здравје не смее да биде привилегија или дополнителен финансиски товар за пациентите и оти навремената дијагностика и лекување на неплодноста треба да бидат достапни во јавниот здравствен систем.
Директорката на Клиничката болница во Битола, д-р Ненси Лозанче, потврди дека веќе шест години не се вршат анализи на спермограм. Бидејќи услугата престанала да се нуди пред таа да стане директорка на установата, не знае која била причината за тоа.
„Во моментов не се изведува поради недостиг на соодветен кадар. Клиничката болница Битола прави напори да обезбеди соодветен кадар, односно биолог, а постапката за тоа е веќе започната. Што се однесува до останатите хормонални испитувања, тие и сега се вршат во болницата, сите освен АМХ, а планираме од 2027 година да го вклучиме и тоа испитување“, вели д-р Лозанче.
Б. НЕСТОРОСКА



