Шестгодишно дете од пелагониското село Добрушево, Општина Могила, се здобило со тешки телесни повреди во сообраќајна несреќа која се случила додека управувало електричен тротинет, соопштија од СВР Битола. Несреќата настанала помеѓу тротинетот и мотоцикл без регистарски ознаки, управуван од Х. Т. (30) од истото село. Двајцата се стекнале со телесни повреди констатирани во Клиничката болница во Битола.
Полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Х. Т., затоа што при извршен увид било констатирано дека мотоциклот бил нерегистриран и го управувал без возачка дозвола. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
На јавната дебата во Битола, одржана по повод Меѓународниот ден на културата во сообраќајот, претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот патиштата, Горан Ангеловски, напомена дека електричните тротинети не се играчки за деца. Тој апелираше до родителите да ги сфатат како возила што учествуваат во сообраќајот со сите ризици во него.
На територијата на Македонија во 2025 се случиле 147 сообраќајни незгоди во кои учествувале електрични тротинети. Една од незгодите завршила фатално со жртва, 32 лица се здобиле со тешки повреди, 112 со лесни телесни повреди и две сообраќајни незгоди се со причинета материјална штета. Дури 12 вакви несреќи се евидентирани во првото тримесечие на 2026. Во Македонија, возрасната граница за возење електричен тротинет е 14 години, но по улците се гледаат и помали деца како ги управуваат и кои скоро никогаш не носат заштитна опрема.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



