Со пуштање на 1.070 балони, колку што граѓани на Скопје загинаа во земјотресот, вечерва во Музејот на град Скопје повторно беа вратени буквите од пораката за солидарноста на Јосип Броз Тито по земјотресот на 26 јули 1963 година. Враќањето на буквите е дел од програмата на Град Скопје за одбележување на 55-годишнината од катастрофата, која ќе трае 4 дена со изложби, филмски и мултимедијални проекции на повеќе локации низ градот.
Градоначалникот Петре Шилегов рече дека буквите со кои беше испишана пораката на Тито, со децении ја красеа зградата на старата железничка станица во која токму поради симболиката со земјотресот е сместен Музејот на град Скопје.
„Изговорот за отстранување на овие букви беа таканаречени идеолошки причини на оние кои сакаа да го избришат еден од најзначајните периоди од блиската историја на нашиот град“, рече Шилегов.
Тој најави нов концепт на креирање на градот наречен Скопје урбан центар, кој има за цел да го отвори градот за граѓаните и да ја анимира стручната, но и пошироката јавност околу граѓанските вредности.
„Во овој концепт ја вклучуваме Асоцијацијата на архитекти на Македонија која последната деценија беше исклучена од урбаното планирање на градот. Скопје урбан центар има за цел да работи на десетина нови локации на северниот прстен на градот кои ќе го намалат притисокот на урбанизацијата на јужниот дел”, рече Шилегов.
А. АНТЕВСКА