Поројниот дожд и силното невреме кое вчера го зафати Тетовскиот Регион им создаде големи потешкотии на жителите од Шипковица. Надојдените води речиси целосно го затрупаа мостот на патот кој води кон соседното село Бродец, а малку недостасуваше поројните води, кои со себе носеле камења и кал, повторно да ги затрупаат неколкуте куќи кои тешко настрадаа во големото невреме од 2015 година кога надојдените води однесоа три деца од селото.
„Многу дожд врнеше. Одрони има на патот од Попова Шапка кон Шипковица, мостот на патот кон Бродец речиси целиот е затрупан со кал и големи камења, а малку недостасуваше да се повтори трагедијата од 2015 година и тоа пак кај истите куќи кај кои тогаш имаше три жртви. И сега на ова место водата донесе многу кал и камења. Од 2015 година, откако се случи трагедијата, бараме да се санира оваа вода што тука проаѓа, но ништо не беше направено. Општина Тетово многу пати ветуваше дека ќе се санира коритото на овој поток кој знае многу штета да ни прави но ништо не е направено. Дури пред две недели започна неговата санација и тоа не преку Општина Тетово туку преку странски донатори. Вчерашното невреме уште еднаш покажа дека оваа вода мора да се санира и да се направи нешто за да не претставува опасност за селото. И во дворовите на други куќи во Шипковица има наноси од кал и камења но за среќа никој од жителите не е повреден“, изјави Ќитабие Куртиши, претседателка на Месната Заедница на село Шипковица.
Во големото невреме што во август 2015 година ја зафати Шипковица 4 лица го загубија животот од кои три беа малолетни деца. Од тогаш до сега Општина Тетово успеа само да го изгради мостот на патот кој Бродец кој во невремето беше однесен, додека на санација на водните дотоци кои поминуваат низ селото и кои беа главната причина за големата трагедија, речиси ништо не беше направено.
З. АНДОНОВ