ШТЕТА ОД 650 ИЛЈАДИ ЕВРА ИМА ВО ОПШТИНА ЛОЗОВО ОД НЕВРЕМЕТО ЛАНИ ВО МАЈ, КОГА ТРИПАТИ ПАДНА ГРАД ЗА ПЕТ ДЕНА

    ШТЕТА ОД 650 ИЛЈАДИ ЕВРА ИМА ВО ОПШТИНА ЛОЗОВО ОД НЕВРЕМЕТО ЛАНИ ВО МАЈ, КОГА ТРИПАТИ ПАДНА ГРАД ЗА ПЕТ ДЕНАЗа надомест имало над 250 пријави од оштетени. (Фото: СДК.МК)

    Ланското невреме со град на крајот од мај кое во три наврати за пет дена  ја зафати Општина Лозово причини штета од 39 милиони денари (околу 650.000 евра), процени Комисијата за проценка на штети. При невремето била зафатена површина од 480 хектари, во неколку села од општината. Кај земјоделските култури имало 185 пријави кај физички лица, додека пет пријави билe од две правни лица. Оштетување на објекти и возила, од градот и силниот ветер, пријавиле 70 физички лица.

    „Жителите од населените места кои што беа зафатени од невремето чекаат на исплата на штетите што е можно побргу, бидејќи имаа намален принос и оштетени плодови. Кај овошните и лозовите насади и годинава има последици бидејќи има оштетувања и рани на лаковите на виновата лоза и гранките кај овошките, па граѓаните имаат потреба од финансии“, соопштија од Општина Лозово.

    Поради големината на зафатените површини и бројноста на оштетените, биле формирани две комисии за проценка на штети на земјоделски посеви и една комисија за проценка на движен и недвижен имот. Кај земјоделските култури штетата е проценета на 38 милиони денари, од нив 24,7 биле на правни лица а 13,3 милиони кај физички лица. Штетата за опрема и возила е процената на еден милион денари.

    Општина Лозово ја зафати големо невреме и во јуни 2018, чии штети беа проценти на 150 милиони денари. Во текот на ланската година, Владата ги обесштети жителите кои пријавиле штети, и во два наврати во текот на септември и декември лани префрли 149 милиони денари.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира