На површина од речиси десет хектари, или простор од над 100.000 квадратни метри, Штип го изгради најголемиот екопарк во регионот. Со својата софистицираност и спојот со природата, слободно може да се каже дека ова е најголемиот модерен екопарк од ваков вид и во Македонија.
Главното јадро на новиот штипски градски парк, кој се протега покрај реката Брегалница, во продолжение на населбите „8 Ноември“ и „Сењак 4“, зафаќа површина од 70.000 квадратни метри. Заедно со природниот растителен ревир покрај речната авенија на Брегалница, која изобилува со врби, тополи и друга вегетација, паркот опфаќа околу 30 проценти поголема површина од основната, односно севкупно околу 100.000 квадратни метри.
Тоа го потврдува и инженерската екипа на Друштвото за градежништво, архитектура, проектирање и дизајн – Студио „Атриум“ од Штип, кое е носител на проектот. Главните менаџери, браќата Александар и Игор Василеви, и инженерката Ана Митрева, на чело со управителката и долгогодишен архитект, проектант и урбанистички инженер, Весна Василева, велат дека во договор со инвеститорот, паркот е именуван како градски парк „Иднина“, кој според нив претставува современ концепт за уредување на јавен простор.
„Основната идеја беше да создадеме ново зелено јадро на градот, место каде што природата, архитектурата и секојдневниот живот се испреплетуваат и надополнуваат. Инспирацијата за обликување на паркот произлезе од природниот амбиент на реката Брегалница, со идеја за зајакнување на врската помеѓу градот, реката и луѓето. Водечкиот мотив е природата, чиј карактер се пренесува преку органските форми, зеленилото, водените површини и архитектонските елементи, инспирирани од листови, пердуви и други природни структури“, велат од инженерскиот тим на „Атриум“, кој на овој проект работел неколку месеци.
„Го осмисливме паркот како поврзана целина од зелени површини, пешачки и велосипедски патеки, простори за одмор и рекреација, како и содржини наменети за културни и општествени активности со амфитеатри и слични простори, каде што можат да се изведуваат концерти, театарски претстави, едукативни работилници, трибини, изложби, ликовни колонии, а може да се користи и како отворена школа за учениците“, вели главниот архитект и проектант Александар Василев.

Во паркот „Иднина“ веќе се посадени над 1.000 нови садници со разни украсни дрвца, како и зелени и цветни површини, а поставени се и настрешници (перголи) со дрвени столбови, над 120 дрвени клупи, осум модерни скулптури во форма на пердув, десетина ЛЕД-канделабри и шеесетина корпи за отпадоци. (Фото: СДК.МК)
Неговиот брат Горан, кој како економист е задолжен за економските прашања, додава дека еден од централните елементи на паркот е вештачкото езеро со капацитет од 6.300 кубни метри вода, како пејзажен мотив во обликувањето на просторот. Во комбинација со околното зеленило и декоративните елементи, езерото со 20 лежалки околу него и мостот на средината, создава визуелен впечаток како да се работи за две езера и овозможува непосреден контакт со природата. Планирано е во езерото, кое допрва ќе се полни со вода, да има и инсталација за дотур и одвод на водата, а според проектот предвидени се и три фонтани.
„Посебен визуелен белег на целиот парк му даваат декоративните скулптури, летниковците, над 120 дрвени клупи, осум скулптури во форма на пердув, две фонтани за пиење вода, една кружна фонтана и една со неправилна форма, настрешници (перголи) од дрвени столбови, 55 дрвени корпи за отпадоци и 10 лед-канделабри. Целта на ваквото просторно решение е да се создаде разновиден амбиент, од мирни зони за одмор и релаксација, до отворени површини за средби и активности“, вели младата архитектка и проектантка, Ана Митрева.
Според веќе реализираниот проект на целиот простор на новиот парк во Штип, тој располага со велосипедска патека од 1.700 квадратни метри, главна пешачка патека од 3.500 квадратни метри, споредна пешачка патека со иста квадратура и зелена површина од 46.000 квадратни метри. На оваа површина веќе се засадени над 1.000 нови садници од 30 видови украсни и декоративни дрвца и растенија, како и неколку пунктови со цветни аранжмани.
Со оглед на тоа што паркот се простира на површината на некогашното „Штипско езеро“, каде што се наоѓаат старите рени-бунари од кои Штип се снабдуваше со вода за пиење (кои сега, по пуштањето на водата од браната „Кнежево“, не се во функција и претставуваат само алтернативно решение), проектантите предвиделе околу бетонските бунари да се засадат нови садници и тие да бидат цветно опкружени како декоративна заштита.
Тие сметаат дека, сепак, најголема заштита и безбедност на бунарите и на целиот парк ќе биде самото присуство на посетителите. Во средишниот дел на паркот се наоѓа и барака со канцеларии на ЈП „Исар“, кое е задолжено за водоснабдувањето на градот, а сега и за одржување и чување на новиот парк. На барање на инвеститорот, паркот веќе добива и дополнително осветлување кое се поставува на неколку места во паркот, но и на објектите околу него.
Во „Атриум“ сметаат дека со реализацијата на паркот „Иднина“, Штип добива нов, современо уреден јавен простор на огромна површина од речиси 10 хектари. Заедно со веќе постојната пешачка и велосипедска патека покрај реката Брегалница во должина од 12 километри, паркот ќе придонесе за унапредување на урбаниот амбиент и квалитетот на живот. Со својата содржина и архитектонско обликување, тој има потенцијал да стане препознатлива урбана целина и нов белег кој веќе ја збогатува сликата за Штип.
Во тоа е уверен и градоначалникот Иван Јорданов, кој очекува дека паркот, покрај масовната посетеност од страна на штипјани, ќе предизвика интерес и кај граѓаните од останатите градови во Македонија, но и кај туристите кои ќе престојуваат во Штип. Тој смета дека овој капитален проект, чија инвестиција изнесува 1,6 милиони евра општински пари, е најголемиот подарок за градот за претстојниот патрон празник на Штип – 19 Декември (Св. Никола), како и за новогодишните и божиќните празници.
Т. ЈОВАНОВСКИ



