Денеска во Штип се поставени првите контејнери за организирано собирање на текстилниот отпад, а наредната локација е Општина Арачиново. Фирмата „Еко текстил“ ќе отвора вакви складишни депонии и во oстанатите градови во Македонија кои имаат текстилен отпад.
„Штип доби пет специјални контејнери за текстилен отпад кои ќе бидат распоредени на исто толку локации во Општина Штип, каде ќе може фирмите и граѓаните да го складираат текстилниот отпад кој ако е мешовит ќе оди на согорување, а чистиот текстилен отпоад ќе се собира и ќе биде наменет за рециклирање во Турција“, вели директорот на Јавното претпријатие (ЈП) „Исар“ Александар Арсовски.
„Контејнерите се проект на фирмата ‘Еко текстил’ која предвидува во наредниот период вакви контејнери да постави и во останатите градови во Македонија, посебно во оние кои имаат текстилни конфекции кои севкупно имаат по илјадници тони текстилен отпад што досега завршуваше во локалните депонии и се палеше, а сега со овој проект целта е чистиот отпад да се рециклира преку фирмата која ги обезбедува специјалните контејнери за текстилен отпад“, вели претставникот на фирмата Фируз Мемед.
Во Штип, кој важи за најголем регион од оваа гранка со најмногу текстилни фабрики и модни конфекцции, месечно во контејнерите на фирмите и во локалната депонија се складираа стотици тони текстилен отпад, а и депониите во соседните општини кои сега се соочуваат со локалното разграничување на отпадот имаат можност со вакви селектирани контејнери да го издвојуваат текстиолниот отпад и од него да заработуваат.
Т. ЈОВАНОВСКИ