ШТИП ЌЕ ВОВЕДЕ ЈАВЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ, ЌЕ БИДЕ БЕСПЛАТЕН ЗА УЧЕНИЦИТЕ

    ШТИП ЌЕ ВОВЕДЕ ЈАВЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ, ЌЕ БИДЕ БЕСПЛАТЕН ЗА УЧЕНИЦИТЕЗа почеток се предвидени четири линии од сите четири приградски населби на Штип (Фото: СДК.МК)

    Општина Штип започна постапка за воведување јавен градски превоз. Како што е најавено, тој ќе стартува наесен, пред почетокот на новата учебна година.

    „За почеток се предвидени четири линии од сите четири приградски населби на Штип: Чардаклија, Караорман, која ќе важи и за населбата Баби, Три Чешми и од населбата Дузлак. Автобускиот превоз ќе ги опфати и поблиските населби во градот“, вели Вишна Шорова-Ангелова од кабинетот на градоначалникот на Штип.

    Таа додава дека постапката предвидува и избор на еден или повеќе оперaтори и утврдување на износот на нивното субвенционирање од буџетот за да може да се утврди билет по поволна цена.

    Учениците ќе имаат бесплатен превоз и возниот ред ќе бил утврден најмногу според нивните потреби, како и според останатите граѓани кои често имаат потреба да доаѓаат во центарот на градот. Четирите возни линии ќе имаат кружна релација најмалку шест пати во денот.

    Јавниот превоз ќе значи крај на договорите со операторите кои сега ги превезуваат учениците, кои изминуваат на крајот на оваа учебна година. До септември, на тендер ќе се избере еден или повеќе оператори за новиот градски превоз.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира