Општина Штип го награди Александар Арсовски, кој изминатите две години заедно со неговите пријатели од Шведска, обезбеди хуманитарна помош во вредност од 800.000 евра за Клиничката болница во Штип. Тој е еден од добитниците на годинешното признание „8 ноември“, кое што Општината го доделува по повод Денот на ослободување на градот од фашистичката окупација.
Ова признание, покрај Арсовски ќе го добијат и истакнатиот борец за човекови права, Горан Трајков и спортскиот работник Влатко Костов, поранешен фудбалер на Брегалница, Вардар и Локомотив и актуелен тренер на Ренова, а претходно и на други фудбалски екипи во земјата и странство. Советот на Општина Штип одлучи на свечената седница признание да биде врачено и на двократниот победник на Макфест, штипскиот пејач Влатко Илиев, кој на фестивалот победи годинава и во 2011 година. Признание ќе добие и диригентот Ивана Ѓурѓевиќ Јанаков која со градскиот хор освои повеќе меѓународни награди и признанија.
Т. ЈОВАНОВСКИ