Цели 24 часа Штип е без вода за пиење. Од ЈП „Исар“ соопштуваат дека поради дефект на една од главните турбини морало да се прекине водоснабдувањето, па речиси 80 отсто од градот е без вода за пиење од градскиот водовод. Вода немаат сите населби и делови од градот кои се од десната страна на реката Отиња.
ЈП „Исар“ вчера најави дека водата ќе пристигне до крајот на денот, но градот и денеска осамна без вода за пиење.
„Ако се утврди дека дефектот на турбината за озонирање не може да се отстрани, тогаш ќе бидеме принудени да набавиме нова, за што службите веќе се ангажирани. Една таква турбина чини 1.200.000 денари“, вели директорот на ЈП „Исар“, Живко Тасев.
Граѓаните се револтирани, бидејќи ова се случува во време на пандемија, кога здравствените власти апелираат да се одржува хигиена.
Од ваквата ситуација раце тријат само трговците, затоа што граѓаните мора да се снабдуваат со вода за пиење од маркетите, кои веќе ги испразнија залихите, па, како што велат, итно побарале нови пратки од сите производители на вода во земјата.
ЈП „Исар“ нема доволно цистерни за да го покрие градот со техничка вода, па граѓаните се принудени да се снабдуваат од природните чешми. Некои со години ја употребуваат оваа вода и за пиење, иако одамна е кажано дека природните чешми содржат нечиста и неисправна вода.
Т. ЈОВАНОВСКИ