ШТИПЈАНЕЦОТ ВАСИЛ ДИМИТРИЕВСКИ ФАСЦИНИРАН ОД ЦВЕТОВИТЕ НА КАКТУСИТЕ, ВО ГРАДИНАТА ИМА НАД 200 ВИДОВИ КАКТУСИ И БОНСАИ

    ШТИПЈАНЕЦОТ ВАСИЛ ДИМИТРИЕВСКИ ФАСЦИНИРАН ОД ЦВЕТОВИТЕ НА КАКТУСИТЕ, ВО ГРАДИНАТА ИМА НАД 200 ВИДОВИ КАКТУСИ И БОНСАИДимитриевски вели дека првиот кактус го добил од свој колега (Фото: СДК.МК)

    Васил Димитриевски од Штип за 22 години создал ботаничка градина со 200 разновидни кактуси и бонсаи.

    „Боите на цветовите на кактусите што ги одгледувам навистина се преубави. Во нив се вљубив уште кога го добив првиот кактус од мој колега на подарок“, вели Димитриевски, поранешен вработен во Крим службата на СВР Штип.

    Сега пензионер, тој ги одгледува во дворот на семејната куќа во Штип, каде го поминува целото слободно време. Секојдневно проверува во каква состојба се кактусите, бонсаите и другите растенија, што ги има повеќе од 300, вклучувајќи лимони и други овошки.

    Дел од кактусите од градината на Димитриевски (Фото: СДК.МК)

    „Не можам да опишам колку кактусите со нивните убави цветови ми легнаа на душа. Растение со боцки, а има толку прекрасни цветови. Ги има во секакви бои. Во светот има над 1.750 видови кактуси, а мојата градина ја збогатив со 200. Во последно време бројот на кактусите се намали, затоа што ги подарувам на пријатели“, вели Димитриевски.

    Со оглед на големиот број кактуси, не ги учел нивните латински називи, но затоа на секој кактус му дал свое име. Така еден од поспецифичните го нарекол вазна.

    „Мошне омилен ми е кактусот Американец, затоа што го донесов пред 22 години кога престојував во САД. Кактусите обично виреат на клима како во Мексико или Јужна Америка. Американецот од Калифорнија успеав да го прилагодам на нашето поднебје. Сега во јуни има тежина од над 50 килограми, а по изгледот мислиш дека има само два-три. За да ги заштитам, преку лето се во надворешната градина, а во зима се во внатрешната градина, каде имам поставено и систем за затоплување“, вели Димитриевски и додава:

    Димитриевски има вкупно 300 различни растенија во градината (Фото: СДК.МК)

    „Веднаш до Американецот ми е Грчкиот кактус, кој го донесов една година кога бев на одмор во Грција. Домаќинката каде што бев сместен ми објасни дека овој кактус служи за храна. Многу полезно делува на шекерот во крвта, а неговиот сок се продавал за 40 евра за еден литар“.

    По кактусите, бонсаите му се втора љубов.

    „Ако не сум во градината, тогаш сум во планина. Ги поминав сите планини и врвови како во Македонија, така и во соседните земји и донесов прекрасни природни, планински бонсаи. Нив посебно ги сака мојот внук, кој пројави голем интерес за мојата градина. Мило ми е што има кој да ги наследи кактусите и да продолжи да ја збогатува градината со нови растенија“, објаснува Димитриевски.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира