ШТИПЈАНИ ЧЕТИРИ ДЕНА ИМААТ ПРОБЛЕМИ СО ВОДОСНАБДУВАЊЕТО, ОПШТИНАТА САКА ДА ГО ОБНОВИ ВОДОВОДОТ СО ПАРИТЕ ЗА КАРГО АЕРОДРОМОТ

    ШТИПЈАНИ ЧЕТИРИ ДЕНА ИМААТ ПРОБЛЕМИ СО ВОДОСНАБДУВАЊЕТО, ОПШТИНАТА САКА ДА ГО ОБНОВИ ВОДОВОДОТ СО ПАРИТЕ ЗА КАРГО АЕРОДРОМОТГрадските власти велат дека реконструкција на водоводната мрежа е неопходна (Фото: СДК.МК)

    Откако Штип во понеделникот цел ден беше без вода за пиење, чешмите и во следните три дена секнуваа секое утро, па до пладне.

    Од ЈП „Исар“, кое е задолжено за водоснабдувањето на градот, велат дека зачестија дефектите на застарената водоводна мрежа. На интернет страницата на ова комунално претпријатие, секое утро има известување дека градот неколку часа ќе биде без вода од градскиот водовод.

    Од Општина Штип информираат дека главната водоводна мрежа е стара над 30 години, а дел од главниот водовод и повеќе од половина век. Мрежата е трула и подложна на секојдневно пукање на цевките од силниот притисок што се создава, посебно по приклучувањето на водата од хидросистемот „Злетовица“.

    „Реконструкција на водоводната мрежа е неопходна. Имаме изготвени проекти за комплетна замена на дотраените цевки. Планираме овој комплексен проблем да го решаваме со средствата од ТАВ програмата за карго аеродромот кај Штип, што предвидува пренамена на 49,7 милиони евра“, вели градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

    Тој размислува да се искористат и средствата од неколку милиони денари од самопридонесот, кои како „мртви“ пари без камата се депонирани во банка. Самопридонесот пред 40 години беше распишан токму за таа намена.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира