ШТИПЈАНИ СОБРАА НЕКОЛКУ ТОНИ ОБЛЕКА, ДЕЛ ЌЕ СЕ ДОНИРА, А ОСТАНАТОТО ЌЕ СЕ РЕЦИКЛИРА ЗА ИЗРАБОТКА НА КУКЛИ, ЈОРГАНИ И ПЕРНИЦИ

    ШТИПЈАНИ СОБРАА НЕКОЛКУ ТОНИ ОБЛЕКА, ДЕЛ ЌЕ СЕ ДОНИРА, А ОСТАНАТОТО ЌЕ СЕ РЕЦИКЛИРА ЗА ИЗРАБОТКА НА КУКЛИ, ЈОРГАНИ И ПЕРНИЦИПроектот е на Фондацијата за развој на локалната заедница, поддржан од Општина Штип и Владата на Германија. (Фото: СДК.МК)

    За само еден час, штипјани собраа неколку тони текстилен отпад – алишта и друга чиста и здрава облека, која ќе се донира на лица на кои им е потребно, а останатото ќе биде наменето за рециклажа во првиот собирен и преработувачки центар за текстилен отпад во Македонија.

    Проектот е на Фондацијата за развој на локалната заедница, поддржан од Општина Штип и Владата на Германија. Ваквите акции за собирање домашен текстилен отпад ќе бидат континуирани и ќе се спроведуваат и во другите населени места во регионот.

    Владата на Германија помага во отворањето на ваков собирен пункт во Косово, а собирниот центар во Штип е прв во Македонија, со идеја да го прифаќа и рециклира текстилниот отпад од домаќинствата од цела Македонија.

    Координаторот на овој долгорочен проект на Фондацијата, насловен „Заедно“, Борис Шарковски, вели дека станува збор за собирен пункт за домашен текстилен отпад, кој се наоѓа на осум километри од Штип, на патот кон Радовиш. Како преработувачки центар, тој ќе работи исклучиво со домашен текстилен отпад, не и со конфекцискиот што го создаваат фабриките и за кој важат сосема други законски регулативи.

    „Нашите проценки беа дека во Штип годишно ќе се собираат околу 12 тони домашен текстилен отпад, но првата акција ни покажува дека станува збор за поголеми количества здрава и чиста облека и друг текстил што домаќинствата ги фрлаат. Затоа собраниот отпад ќе се селектира. Здравата, чиста и употреблива облека ќе се донира, а остатокот ќе се рециклира во собирно-преработувачкиот центар. Од него ќе се произведуваат нови производи, како што се кукли, јоргани, перници и слично, со можност за изработка и на други нови производи“, вели Шарковски.

    Според координаторот, од текстилниот отпад нема ништо да се фрла. Доколку на крајот остане некаков отпад, планирано е тој да се балира и извезува во Турција или да се согорува во специјализирани центри за таа намена. Амбицијата на Фондацијата е изразена и преку нејзиното мото, кое гласи: „Не фрлај, дај му нов круг“.

    Шарковски додава дека во собирниот пункт веќе се ангажирани две лица кои ја вршат селекцијата на собраниот текстилен отпад. Тој очекува Општина Штип да го поддржи развојот на локалната заедница со нова локација и изградба на собирен и преработувачки центар, кој ќе го прифаќа домашниот текстилен отпад и од други градови и населени места, каде што ќе се организираат собирни акции и пунктови.

    Според последните истражувања на ниво на Македонија, ваквиот текстилен отпад учествува со 5 проценти во вкупниот отпад, а во Штип како конфекциски град, учествува со 35 проценти, од кои повеќе од 60 отсто потекнуваат од домаќинствата.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира