ШТИПСКАТА КЛИНИЧКА БОЛНИЦА ДОБИ НОВ АПАРАТ ЗА АНЕСТЕЗИЈА И ОТВОРИ ВТОРА ОПЕРАЦИОНА САЛА

    ШТИПСКАТА КЛИНИЧКА БОЛНИЦА ДОБИ НОВ АПАРАТ ЗА АНЕСТЕЗИЈА И ОТВОРИ ВТОРА ОПЕРАЦИОНА САЛАДиректорот на болницата Ален Георгиев и началникот на Одделението за анестезија, д-р Јованка Стојменова, денеска го презентираа новиот апарат за анестезија (Фото: СДК.МК)

    Штипската клиничка болница денеска отвори втора операциона сала, на која досега ѝ недостасуваше апарат за анестезија, со што пациентите побрзо ќе добиваат термин за операција.

    „Апаратот го набавивме со сопствени средства и чини 40.000 евра. Потребата за втора операциона сала се зголемуваше секојдевно, па затоа во нашиот буџет предвидовме средства за современ апарат за анестезија“, вели директорот Ален Георгиев.

    „Апаратот е најсовремен и има подобри перформанси од другите што ги имаме. Тој овозможува комплетен мониторинг на пациентот, со што се зголемува неговата безбедност“, објасни началникот на Одделението за анестезија, д-р Јованка Стојменова.

    Според хирургот Мијалче Паризов, во Штипската клиничка болница годишно се извршувале по 1.000 операции.

    „Со набавката на новиот апарат и со отворањето на втората операциона сала, бројот на операции ќе се зголеми за 300 на годишно ниво. Сега операциите ќе се закажуваат многу побрзо. Со комплетирањето на стручниот кадар, болницата сега е во состојба место досегашните три-четири, да извршува седум-осум операции дневно, со што значително ќе се скрати времето за чекање“, вели Паризов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари