Верскиот објект во центарот на Штип, познат како „Св. Илија“ или како што некои го викаат Хусамедин пашина џамија, по пет века, во 2018 за првпат беше конзервиран, и оттогаш вратите се затворени. Директорот на Музејот во Штип, Митко Штерјов вели дека чека пари од институциите со цел објектот да се користи како галерија и простор за културни настани.
Се смета дека Хусамединовата џамија во втората половина на 16. век била изградена врз темелите на црквата „Св. Илија“ која датира од 8. век. За своите верски обреди, со векови овој објект го користеле и муслиманите и христијаните. Долги години има натегања чиј е објектот, дали е муслимански или христијански, па како резултат на тоа повеќе од половина век објектот е со затворени врати. Од тие причини, верниците своите верски ритуали обично ги прават во дворот и околу основните столбови на објектот. Вратите се затворени и во последните пет години од конзервацијата до денес.
„Верскиот објект сега се води како Хусамедин пашина џамија, но меѓу штипјани и натаму останува како ‘Св. Илија’. Испитувањата за степенот на издржливоста на основните темели покажале дека може да се продолжи со конзервацијата на целиот објект. Притоа, не беа откриени други остатоци. Неопходна е комплетна реставрација и конзервација на неговата надворешност и секако и внатрешноста, вклучувајќи ја и куполата која исто така полека, но сигурно пропаѓа. Затоа, нема време за одложувања“, вели Штерјов.
Штерјов вели дека Музејот планира целиот внатрешен простор, па и неговата надворешна околина да биде една комплетна галерија, најсовремено опремена. Музејот како единствена институција за заштита на културното наследство веќе ја има добиено писмената согласност на Исламската верска заедница (ИВЗ ) за еден ваков проект, па сега се очекува само финансиска поддршка од соодветните институции во државата и од заинтересирани инвеститори. Проектот е понуден и на Центарот за развој на Источно Планскиот Регион (ИПР) за да се добие поддршка и од европските фондови.
„Овој верски објект како уредена галерија ќе биде од отворен карактер и се планира да биде место каде ќе се одржуваат разни културни настани и средби. Ќе се отвораат изложби, ќе се одржуваат музички настапи и слично. Музејот ќе ги координира сите активности и случувања, па дел од одбележувањата на значајни настани и личности што ги има Музејот како институција ќе бидат и во овој објект“, вели Штерјов.
Т. ЈОВАНОВСКИ