Вработените во тетовска „Комунална хигиена“ денеска повторно излегоа на штрајк поради неисплатени повеќе плати и неуплатено здравствено осигурување. Утрово, работниците од првата смена, како и дел од работниците од другите смени, наместо да го чистат сметот во градот, се собраа пред управите простории каде го изразија својот револт поради доцнењето на платите.
„Денес се собравме затоа што ни доцнат платите и немаме здравствено осигурување. Последната плата сме ја зеле пред 40 дена. На некои работници им должат три плати, а на некои четири плати. Здравствено осигурување немаме 4-5 месеци, па мораме да одиме на приватно, но со кои пари да одиме? Додека не нè исплатат нема да работиме“, изјави работникот Кочо Трпевски.
Тетовските комуналци досега многупати ја прекинувале работата, бидејќи проблемот со исплатата на платите трае со години. Сега се решени да истраат до крај и велат дека нема да го собираат ѓубрето, без разлика колку и да се насобере.
„Бараме да ни се пуштат платите, во спротивно нема да излеземе на терен. Ова не е првпат, секој месец мора да се зајмуваме за да преживееме. Ние сме над 120 работници и ако не добиеме плата веќе нема да го собираме ѓубрето во градот. Секој месец е вака. Само во Тетово има вакви проблеми, нема во другите градови, како е можно тоа?“, револтирано зборува работникот Нусрет Басјрами.
На почетокот на овој месец, Општина Тетово потпиша договор за јавно приватно партнерство со словенечка компанија од групацијата „Саубермахер“ која од наредниот месец треба да стопанисува со собирањето на сметот во градот. Оваа фирма треба да ги преземе и работниците од „Комунална хигиена“.
„Општина Tетово е информирана за моменталната состојба во однос на општинските претпријатија. За справување со предизвиците и неуспехот на општинското претпријатие, одлучено е формирање на две нови претпријатија, едно за водовод и канализација, и едно за менаџирање со отпадот. Важно е да се напомене дека Општина Тетово веќе има потпишан договор со приватен оператор и овој договор, кој стапува на сила на 1 декември 2023 година, ќе резултира со префрлување на работниците од општинското претпријатие во новото претпријатие ‘ОЕНЕУМ’. Со оваа измена, сите работници ќе земаат редовно плата, додека Општина Тетово ја презеде обврската да обезбеди исплата на сите заостанати плати за овие вработени“, соопшти Општина Тетово.
З. АНДОНОВ