ШВАЈЦАРИЈА ИЗДВОИ 1,5 МИЛИОНИ ФРАНЦИ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ЦВРСТ ОТПАД ВО ПОЛОШКО, А ОПШТИНИТЕ НЕ САКААТ ДА ДАДАТ НИТУ 2.000 ЕВРА

    ШВАЈЦАРИЈА ИЗДВОИ 1,5 МИЛИОНИ ФРАНЦИ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ЦВРСТ ОТПАД ВО ПОЛОШКО, А ОПШТИНИТЕ НЕ САКААТ ДА ДАДАТ НИТУ 2.000 ЕВРАПрво ќе се рехабилитира Русино, па понатаму ќе се купат камиони, контејнери, за целиот регион. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалниците од девет општини од Полошкиот Регион на крајот на 20201,конечно успеаја да се согласат и да го основаат Регионалното јавното претпријатие „Русино-Полог“. Негова цел беше да стопанисува со регионалната депонија „Русино“ кај Гостивар на која требаше да се одложува сметот од овој Регион.

    Општините иако тогаш дадоа согласност како оснивачки влог да уплатат по 2.200 евра, и после шест месеци пари сѐ уште не даваат.

    Министерот за животна средина Насер Нуредини, кој исто така активно учествуваше во напорите да се формира Јавното претпријатие, е незадоволен од ваквото неодговорно однесување на општините.

    „Мора да се разбере дека општините треба одвојат средства за основачкиот капитал за формирање на регионалното јавно комунално претријатие. Зборуваме за вкупно 20 илјади евра. Се сретнавме минатата недела. Заедно се согласивме и го утврдивме 15 јуни како краен рок за да го уплатат оснивачкиот влог. Не знам зошто сѐ уште не ги платиле овие средства. Ние сме тука да ги поддржиме. Јас им го нудам ова во последниве две години. Локалните власти едноставно треба тоа да го поддржат и да почнат да соработуваат со нас“, изјави министерот Нуредини.

    Министерот очекува наредната недела полошките општини да го запазат постигнатиот договор и да ги одвојат предвиденитесредства за да почне да функционира заедничкото Регионалното јавно претријатие „Русино-Полог“.

    Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, која воедно е и претседателка Советот на Општините од Полошкиот плански регион, потврдува дека општините овој период сѐ уште не ја завршиле таа обврска.

    „Сите општини формиравме заедничко регионално комунално претријатие. Сите општини се обврзавме да ги платиме средствата за основачкиот влог. Сите заедно се надеваме дека со ставање во функција на ова претријатие ќе се создавдаат можности за подобра ситуација за целиот регион. Со исплаќање на основачкиот влог се надевам дека ќе почнат да функционираат побрзо“, рече Арифи.

    Стартот на проектот Управување со цврст отпад во Полошкиот Регион плански е помогнат со еден и пол милиони швајцарски франци од Владата на Швајцарија, а за негова целосна реализација во наредните фази ќе биде подржан и од Европската банка за обнова и развој.

    „Понатаму чекаме од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) да ни одобри 55 милиони евра кои ќе бидат инвестирани низ целата земја од кои 17 милиони евра ќе бидат инвестирани во Полошкиот регион. Прво ќе се рехабилитира Русино, па понатаму ќе се купат камиони, контејнери,за целиот регион. Ние како Влада сме посветени да ја поддржиме локалната власт да најде решенија“, додаде Нуредини.

    Во текот на целата 2020 година се чекаше општините да се договорат околу конституирањето на ова заедничкото претријатие. Како причини за одолговлекувањето се наведуваше ситуацијата со коронавирусот, потоа се чекаше на одлуките на Советите на општините кои требаа да назначат членови на Управниот одбор на Јавното претпријатие, па како изговор беа и изборите во јули.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира