ШВАЈЦАРСКАТА АМБАСАДА ДОНИРАШЕ ТЕРЕНСКО ПРОТИВПОЖАРНО ВОЗИЛО ЗА ВЕЛЕШКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ

    ШВАЈЦАРСКАТА АМБАСАДА ДОНИРАШЕ ТЕРЕНСКО ПРОТИВПОЖАРНО ВОЗИЛО ЗА ВЕЛЕШКИТЕ ПОЖАРНИКАРИВозилото го предаде амбасадорката Вероника Улман (Фото: СДК.МК)

    Противпожарната единица од Велес доби теренско возило за гаснење пожари, потребно за условите во градот. Тоа е донација од Амбасадата на Швајцарија во вредност од два милиона денари.

    „Годинава видовме пожари на големи површини, резултат на високите температури. Сметавме дека е потребно да помогнеме со донација на ова возило, кое ќе помогне во иднина подобро да се справувате со пожарите“, рече амбасадорката Вероника Улман.

    Со надградба на возилото со резервоар од 500 литри, тоа ќе може брзо да стигне на местото на пожарот. Ова е трето вакво возило за велешките пожарникари, но другите две се со далеку помал резервоар.

    „Возилото е добредојдено за високите делови на градот, каде што има тесни улици. Така пожарникарите ќе можат да делуваат ефикасно и брзо“, рече командирот на ТППЕ, Љупче Лепидовски.

    Општина Велес со помош на швајцарската влада и УНДП го реализираше и проектот „Велес без бариери“, чија цел е подобрување на животот на граѓаните со ограничена мобилност. Со грант од околу 2,7 милиони денари се нивелираа 23 тротоари на главните улици Благој Ѓорев и 8-ми Септември и се инсталираше лифт за учениците со попреченост во гимназијата „Кочо Рацин” и средното хемиско училиште „Димитрија Чуповски”. Со помош на швајцарската амбасада и УНДП набавена е и поставена видео и аудиоопрема, со која веќе четврта година седниците на Советот се емитуваат во живо.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира