ШВАЈЦАРСКАТА АМБАСАДА ЌЕ ФИНАНСИРА ОСУМ РЕГИОНАЛНИ ПРОЕКТИ ШТО ЌЕ ГИ ИЗБЕРАТ ГРАЃАНИТЕ

    ШВАЈЦАРСКАТА АМБАСАДА ЌЕ ФИНАНСИРА ОСУМ РЕГИОНАЛНИ ПРОЕКТИ ШТО ЌЕ ГИ ИЗБЕРАТ ГРАЃАНИТЕГраѓаните низ дебати можат да предлагаат идеи, од кои бенефит ќе има целиот регион (Фото: СДК.МК)

    Швајцарската агенција за развој и соработка преку форуми го слуша мислењето на граѓаните во осумте плански региони за да финансира проекти кои имаат регионално значење. Тие деновиве преку центрите за развој на регионите почнаа да организираат дебати, на кои граѓаните предлагаат идеи од кои бенефит ќе имаат жителите од целиот регион. Станува збор за проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, што Швајцарската агенција го реализира со Министерството за локална самоуправа.

    „За овој проект имаме обезбедено околу 840.000 швајцарски франци, од кои 90.000 за југоисточниот плански регион. Швајцарската амбасада и Министерството за локалнa самоуправа поттикнуваат идеи од самите граѓани, бидејќи тие најдобро знаат што е најдобро за еден регион. Проектите кои ќе ги финансираме можат да бидат за инвестиции, животна средина, социјална инклузија, туризам и за бизнис инфраструктура“, истакна Марија Караева од Швајцарската агенција.

    Граѓаните од југоистокот предложија дури девет проекти. Тие сакаат подобрување на пристапот и уредување на туристичките локалитети, поставување метеостаници за заштита на земјоделските култури и животната средина, искористување на обновливите извори енергија, како биопелети и отворање бизнис инкубатори.

    За овие предлог-проекти повторно ќе се дебатира, пред да се одлучи кој од нив да им биде предложен на Швајцарците. Со таков принцип ќе се одлучува и во останатите седум плански региони.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира