Силниот ветер кој попладнево почна да дува во Тетово собори дрво кое падна врз два паркирани автомобила. Според првичните информации, нема повредени, туку само е причинета поголема материјална штета. Екипи на Противпожарната единица и на Јавното комунално претпријатие излегле на местото на настанот и работат на отстранувањето на паднатото дрво.
„По дојава кај нашата служба, веднаш излеговме на терен и утврдивме дека силниот ветер соборил дрво, кое паднало врз два автомобила. За среќа, во тој момент немало никого во близина, па нема повредени. Заедно со екипата на ЈКП ‘Тетово‘ веднаш се зафативме со отстранувањето на паднатото дрво за да се овозможи непречено минување на возилата по улицата“, изјави Авни Амети, командир на Противпожарната единица од Тетово.
Настанот се случи на улицата Благоја Тоска во непосредна близина на поранешната стоковна куќа „Тетовчанка“.
З. АНДОНОВ