СО СИЛНО ПОЛИЦИСКО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ПОЧНА ТРАНСПОРТОТ НА ГЛАСАЧКИОТ МАТЕРИЈАЛ ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ

    СО СИЛНО ПОЛИЦИСКО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ПОЧНА ТРАНСПОРТОТ НА ГЛАСАЧКИОТ МАТЕРИЈАЛ ЗА РЕФЕРЕНДУМОТСо комбиња на Македонски пошти е врши дистрибуција на 1.806.336 гласачки ливчиња за околу 3.480 избирачки места во земјава, како и паравани, записници и избирачки списоци (Фото: СДК.МК)

    Раните изутринава, во комбиња на Македонски пошти и со големо полициско обезбедување започна транспортот на гласачките материјали од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола каде се печатеше, до општинските изборни комисии за референдумот за името на 30 септември. Се врши дистрибуција на 1.806.336 гласачки ливчиња за околу 3.480 избирачки места во земјава, како и паравани, записници и избирачки списоци.

    Транспортот на гласачките материјали почна од книжарницата „Киро Дандаро“ во Битола каде се печатеше, до општинските изборни комисии (Фото: СДК.МК)

    „Согласно планот, почнуваме со транспорт на доверливиот материјал за претстојниот референдум. Подготовките без проблем завршија во однос на печатењето на ливчињата и другиот доверлив материјал. Во текот на денот ќе се изврши дистрибуција на гласачкиот материјал до сите општински комисии“, рече претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Дерковски, кој денес и лично присуствуваше во печатницата при подигањето на гласачкиот материјал.

    За во дијаспората пријавени се 2.695 гласачи во 33 дипломатско- конзуларни претставништва.

    ,,Во текот на вчерашниот ден тргнаа првите избирачки одбори за дипломатско-конзуларните претставништва, денес патуваат и другите за в сабота да почне гласањето за таа категорија луѓе. Досега нема пријавено никакви проблеми”, рече Дерковски.

    Директорот на печатницата „Киро Дандаро “Драги Милошевски, изјави дека гласачките ливчиња имаат многу голема заштита и не може во никој случај да се копираат.

    „Работата што ни беше доверена од ДИК на време се заврши, спакувана е, спремна за испорака. Ливчињата се испечатени со висок квалитет околу 19 до 20 заштити, не постои можност за копирање”, рече Милошевски.

    Граѓаните од земјава и дијаспората на 30 септември ќе треба да одговорат на референдумското прашање, кое ќе гласи „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“. Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари