Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вели дека не е прекинат процесот на ревидирање на Деталните урбанистички планови, кој почна од неговиот претходник Саша Богдановиќ. Изминатиов период заедно со Министерството за транспорт и врски се работело на изнаоѓање решение како плановите побрзо да се донесат со предвидените измени.
„Притискаме што побрзо да се донесат ДУП-овите. Од десет кои се во постапка, три за Маџир Маало, Клинички центар и Крњево се надевам во брзо време ќе бидат донесени“, рече Герасимовски кој денеска даде отчет на сработеното во првите 100 дена од неговиот мандат.
На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК колку дозволи издал во првите 100 дена кажа дека по детални проверки издадени се две одобренија за градба.
„Овие дозволи чекаа неколку месеци пред да се издадат. И сите наредни детално ќе ги проверуваме, ќе излегуваме на терен и ќе видиме каква е ситуација, дали има шума или не, прашање што е болно за сите нас“, рече Герасимовски додавајќи дека барање за градба за другите две згради кај „Холидеј ин“ уште не е побарано.
А. АНТЕВСКА