СИТЕ ИСПИТНИ ЦЕНТРИ НЕМААТ ЛИЦЕНЦИРАН КАДАР, НО САМО ВО СТРУМИЦА ПЕТТИ МЕСЕЦ НЕ СЕ ПОЛАГА ЗА ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА

    СИТЕ ИСПИТНИ ЦЕНТРИ НЕМААТ ЛИЦЕНЦИРАН КАДАР, НО САМО ВО СТРУМИЦА ПЕТТИ МЕСЕЦ НЕ СЕ ПОЛАГА ЗА ВОЗАЧКА ДОЗВОЛАКандидатите кои со месеци чекаат да полагаат за возачка дозвола протестираа пред испитниот центар „Ас Струмекс“ во Струмица (Фото: СДК.МК)

    Кандидатите за возачка дозвола од Југоистокот го загубија трпението и се собраа пред испитниот центар „Ас Струмекс“ да побараат одговор зошто само во Струмица не се полага возачки испит, а во другите седум центри е дозволено, иако сите испитни центри во Македонија немаат лиценциран кадар според постоечкиот Закон за безбедност во сообраќајот на патиштата.

    Цели пет месеци испитниот центар „Ас Струмекс“ не врши теоретско и практично полагање за возачка дозвола оти членовите на комисијата немале лиценци, бидејќи МВР уште нема спроведено постапка за издавање лиценци за комисиите. Речиси илјада кандидати од Југоистокот кои ја завршија обуката по автошколите чекаат некој да им помогне, оти во останатите центри се полага за возачка иако немаат лиценцирани испитувачи.

    „Цели пет месеци чекам и уште немаат објавено термини за полагање. Кажаа во април, но еве и овој месец истекува. Требаше да се вработам, ама ми побараа возачка која ја немам оти нема каде да положам. Има ли правда во оваа држава?“, вели Атанас Коцев, кандидат од Радовиш.

    „Срамота е ова. Во ниту еден центар комисиите немаат лиценци но вршат полагање за возачка дозвола, само овде во Струмица не. Јас веќе десет месеци чека да излезам на завршниот испит“, вели Маја Стојанова кандидатка од Струмица.

    Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата од 2015, чии што одредби стапија на сила од декември минатата година, налага испитните комисии да имаат лиценци за што треба да полагаат стручни испити пред посебна комисија при МВР. Од МВР велат дека со решение била формирана комисијата, но се работело на формирање база на прашања за стручниот испит.

    „Прашањата за овие испити наметнуваат потреба во нивното обликување да бидат инволвирани соодветни наставно-научни профили, а постапката за нивно ангажирање трае подолго време. Од тие причини, се предлага дополнителен временски период за заокружување на овој процес и одлагање на електронското полагање за стекнување со овие лиценци’’, кажаа од МВР пред неполн месец и побараа измените да се одложат до 30 ноември 2019, а беа прифатени од Владата.

    Измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата уште немаат добиено зелено светло од пратениците оти не се дојдени на дневен ред. Најавите се дека во првата половина на мај измените ќе се најдат пред пратениците, и ако бидат усвоени ќе се одблокира полагањето возачки испит во Струмица.

    В. ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари