Утрово од 9 часот Скопје повторно остана без јавен превоз. На улиците немаше автобуси на ЈСП „Скопје“, ниту на приватните превозници. Шоферите и вработените во администрацијата на ЈСП, поддржани од директорот Крсте Петревски и раководството на претпријатието, дојдоа пред Град Скопје. Бараат советниците да гласаат за одлуката за субвенционирање за да можат да земат плата.
Приватните превозници се приклучија на штрајкот бидејќи и тие немаат добиено пари од ноември.
На минатата седница на Советот, одлуката за доделување 11 милиони евра субвенции не помина, оти за неа не гласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако денес се изгласа одлуката за субвенции попладне ќе има автобуси. Ако не се изгласа автобуси ќе нема ни во наредните денови“, рече Миќо Стојановски од синдикатот на ЈСП Скопје.
За денеска во 11 часот е закажана вонредна седница на Советот на Град Скопје каде точка на дневен ред е субвенционирање на ЈСП.
А. АНТЕВСКА